23.12.2025 Скопје
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски.
Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската А репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.
Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како одбранбен фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата. По завршувањето на играчката кариера Седлоски водеше неколку екипи од РС Македонија, меѓу нив и скопски Вардар.
Подготвено од М.Д.