04.12.2025 Скопје
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во Порта Македонија се обрати на конститутивнта седница на Советот за туризам, стратешко и советодавно тело кое има значајна улога во обликувањето и креирањето на туристичката политика на РС Македонија, со цел унапредување на координацијата и обезбедување системска поддршка за одржлив раст и развој на туристичката индустрија.
Во своето обраќање, министерот Љутков ја истакна важноста на Советот како механизам за креирање современи, ефективни и одржливи туристички политики и мерки кои ќе испорачуваат конкретни резултати во интерес на туристичкиот сектор и економијата.
„Започнува новата ера во туризмот, а денешната конститутивна седница на Советот е потврда за тоа. Конституирањето на Советот значи дека најсложениот дел е зад нас. Воспоставивме функционални сектори за туризам, со јасна цел – да обезбедат ефикасно управување со туристичките дестинации и силна поддршка за стопанството“, рече министерот.
Тој ги нагласи актуелните предизвици со кои се соочува туристичката индустрија, потребата од модернизација на промотивните алатки, дигитализација, зајакнување на дестинацискиот менаџмент и поставување јасни стандарди за конкурентност.
Подготвено од М.Д.