11.12.2025 Скопје
Францускиот претседател Емануел Макрон имаше телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и со други клучни европски лидери, со цел да се постигне напредок во решавањето на кризата во Украина.
Разговорот, кој траел околу 40 минути, освен Макрон и Трамп, го следеле и британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Според соопштението од Елисејската палата, лидерите разговарале за тековните мировни преговори и за интензивната работа на мировниот план, која ќе продолжи и во наредните денови.
Во соопштението на британската влада се истакнува дека европските лидери ги поздравиле напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина. Тие се согласиле дека станува збор за „критичен момент за Украина, нејзиниот народ и за заедничката безбедност низ евроатлантскиот регион“.
Овој телефонски разговор следува по повеќедневни дипломатски контакти меѓу Соединетите Американски Држави и европските сојузници, со цел да се идентификуваат практични решенија за кризата, која продолжува да предизвикува нестабилност и загриженост во Европа и пошироко.
Подготвено од М.Д.