sad-eu-640x361

11.12.2025 Скопје

Критиките на Доналд Трамп кон Европската Унија ги принудуваат нејзините лидери да се соочат со незамисливото: иднина во која Америка повеќе не е нивен главен гарант за безбедност и Европа да ја организира својата одбрана многу порано отколку што некој замислуваше.

Во очекување на намалена американска улога, лидерите на ЕУ веќе го тестираат безбедносниот поредок предводен од Европа. Многу од најважните европски одлуки во врска со Украина се донесуваат во рамките на Коалицијата на добронамерните, која е предводена од Велика Британија и Франција, а ја вклучува и Германија.

Во меѓувреме креаторите на политиките на ЕУ истражуваат подлабока координација преку Заедничките експедициски сили предводени од Велика Британија или преку залагање за посилен „европски столб“ во рамките на НАТО – идеја долго време поддржана од Париз, која сега добива на популарност во Берлин.

Сегашни и поранешни безбедносни претставници рекоа дека клучното прашање повеќе не е дали Европа ќе ја преземе примарната одговорност за својата одбрана и безбедност, туку кога ќе се случи тоа.

Отсуството на американскиот државен секретар Марко Рубио на неодамнешниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО (што се случило само неколкупати во историјата на Алијансата) предизвика загриженост кај функционерите на ЕУ и поранешните функционери на НАТО. Тоа стана алармантно откако неговиот заменик Кристофер Ландау ги прекори земјите од ЕУ за тоа што ги приоритизираат сопствените одбранбени индустрии наместо да продолжат да купуваат од САД. Напорите за создавање нови форуми, независни од Вашингтон, добија нов поттик минатата недела со објавувањето на Националната безбедносна стратегија на администрацијата на Трамп.

Соочена со немилосрдните напади од администрацијата на Трамп, Европската Унија тивко работи на воспоставување нови безбедносни гаранции во случај онаа на НАТО да се покаже како несигурна.

Прашањето е дали ни требаат некакви дополнителни безбедносни гаранции и институционални аранжмани за да бидеме подготвени во случај членот 5 одеднаш да не се спроведе – изјави комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус ​​Кубилиус на крајот на ноември, додавајќи дека „секогаш треба да сметаме на членот 5“.

Една правна основа за таква гаранција може да се најде во заедничката клаузула за одбрана на ЕУ, членот 42.7, која е родена по косовската војна кон крајот на 1990-тите, кога тогашниот француски и британски лидер Жак Ширак и Тони Блер заеднички инсистираа Европа да ја земе одбраната во свои раце.

Поранешниот литвански премиер Кубилиус додаде дека сака да ја искористи следната година за да ги дополни одредбите во клаузулата и да објасни какви активности би преземале земјите за да се бранат едни со други. Тој посочи на неодамнешните коментари на амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, во кои се сугерираше дека Германија треба да ја преземе највисоката воена функција во НАТО од Американец.

Со предупредувањето на европските воени шефови и разузнавачки агенции дека напад од Русија би можел да се случи уште во 2028 година, традиционалните европски ставови кон одбраната и потпирањето на САД брзо се менуваат. До неодамна Германија беше непоколеблива во својата поддршка за НАТО предводен од САД. Но, под канцеларот Фридрих Мерц, Берлин сега води разговори со Париз за тоа како француското нуклеарно одвраќање би можело да придонесе за безбедноста на Европа.

Но предизвикот за Европа е како да премине од реторика на акција. Влоговите се огромни – не само затоа што прифаќањето на континенталната одбрана би вклучувало големи компромиси во трошоците за социјална помош, што пак би можело да ги собори владите.

Друга пречка е институционалната. Со оглед на тоа што Соединетите Американски Држави се најголемиот партнер во рамките на НАТО, Алијансата не е место каде што сојузниците можат да планираат за каква било постамериканска иднина.

Тоа би ја поништило самата цел на НАТО – рече еден висок дипломат на Алијансата.

Внатре во Алијансата нема планирање за непредвидени ситуации за НАТО без САД, според тројца дипломати на НАТО. Тие ги толкуваат сигналите од Вашингтон не како претходница за повлекување на САД од Алијансата, туку како моќен повик за будење за Европа, додека Вашингтон се префокусира на Арктикот и Индо-Пацификот.

Некои функционери посочија на фактот дека дури и ако администрацијата на Трамп сака да го напушти НАТО, Конгресот на САД може да застане на патот. Всушност, законодавството за одбрана на САД, кое треба да се гласа уште неделава, ќе постави нови ограничувања за намалување на нивото на трупи во Европа.

Подготвено од М.Д.

About Author