75138163_605

16.12.2025 Скопје

Во потег без преседан, Европската комисија ќе го унапреди процесот на пристапување на Украина на техничко ниво, и покрај тоа што Унгарија ги блокира официјалните претпристапни преговори.

Според новиот план, техничкиот напредок значи дека Киев ќе продолжи со реформите потребни за исполнување на критериумите на Европската унија, а чиновниците на ЕУ ќе го проценуваат напредокот на Украина во усогласувањето со законите и стандардите на ЕУ, особено во области како независноста на судството. На тој начин се заобиколува ветото на Будимпешта за отворање формални преговори.

Еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, за Дојче Веле вели дека на неформалниот состанок што се одржа во Лавов минатата недела, добила „јасни упатства“ од министрите за европски прашања на земјите членки за забрзување на напорите за кандидатурата на Украина. „Многу, многу сум среќна и охрабрена што се движиме уште побрзо во процесот“, вели Кос.

Поддршката на Унгарија и натаму ќе биде неопходна за сите конечни одлуки за членство, бидејќи за прием на нови земји во Унијата е неопходна едногласна согласност од сите постоечки членки. „Во одреден момент ќе мора да постигнеме едногласност“, признава Кос на прашање за тоа колку планот е изводлив и додава дека „за сега може да продолжиме со за техничкиот дел“. „На Украина не ѝ е потребна Унгарија за да спроведе реформи. Тоа е процес на трансформација од кој има корист целата земја“, вели таа.

ЕК ќе го примени истиот пристап и кон Молдавија, чија кандидатура исто така е во застој заради внатрешниот застој во ЕУ.

Пристапувањето во 2027 година е дел од мировниот план на САД?

Кос беше претпазлива и не сакаше да зборува за рокови откако медиумите објавија дека пристапување кон ЕУ уште во 2027 година се разгледува како дел од мировниот план на САД за Украина.

„Многу сум среќна што во мировниот план се споменува пристапување на Украина во ЕУ. Тоа сега е првиот нацрт. Ќе видиме што ќе произлезе од тоа на крај“, вели Кос за ДВ, која посочува дека тоа „зависи и од прашањето колку брзо Украина ќе ги спроведе реформите, а и што нашите земји-членки ќе кажат за тоа кога ќе бидеме подготвени да ја примиме Украина.“

Подготвено од М.Д.

About Author