siljanovska-davkova-nagradi-za-kvalitet

18.12.2025 Скопје

Живееме во време на глобални геополитички и економски предизвици. Периодот на закрепнување по КОВИД-пандемијата, инфлациските притисоци и енергетската криза оставија длабоки траги врз економиите низ светот, а нивното влијание не не одмина и нас. Како дел од регионалниот, европскиот и глобалниот пазар, македонското стопанство е изложено на овие турбуленции. Затоа, улогата на државата е клучна во создавањето соодветни претпоставки за брзо престројување, развој и системска поддршка на бизнисот. Искрено посакувам и очекувам, 2026 година да биде насочена кон создавање поповолна и поконкурентна бизнис-клима што ќе резултира со стабилен раст и подобар стандард за граѓаните, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова пред врачувањето на признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година што го доделува Сојузот на стопански комори (ССК) под нејзино покровителство.

Претседателката напомена дека наградите не се случаен подарок, туку логична последица на стратегиско размислување и системско вложување во креативен човечки капитал, во современи техники и технологии.

Признанија „Македонски квалитет“ за 2025 година добија 11 компаниии: Комерцијална банка, Пекабеско, Малики груп, Кабтел ДООЕЛ Скопје, Голден Арт, Еко логистик сервис – Скопје, ЛТХ Леарница ДООЕЛ Охрид, Велидент Трејд, Дамипак Дооел од Пробиштип, НЕТАМ ДОО и Боми-10 Логистик.

Признанието се доделува на домашни компании кои придонесуваат за развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и на меѓународно ниво.

Како што истакна Сиљановска – Давкова пред врачувањето на признанието, резултатите што ги постигнале најдобрите компании се јасен доказ дека македонското стопанство располага со капацитет за конкурентност, иновативност и прогрес.

Тие покажуваат дека во амбиент во кој се негува стабилна и предвидлива бизнис клима, вложен труд и знаење, неминовно прераснуваат во триумф. Нивниот пример сведочи дека доследноста, истрајноста и решителноста да се остане посветен на борбата за повисок квалитет, водат кон поголема продуктивност, кон отворање нови можности и создавање долгорочна перспектива. Овие успеси имаат повеќеслојно значење. Тие не се сведуваат само на висината на остварениот профит, туку подразбираат додадено знаење, иновативност, поттикнување и негување на претприемачкиот дух, како и придонес кон општото добро и благосостојбата Секоја наградена компанија не е само изолиран, уникатен индивидуален успех, туку е темел за идни слични и поголеми успеси и нови дострели, инспирирани и потпрени на претодхните, нагласи претседателката во обраќањето.

Според претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски, признанието „Македонски квалитет“ е симбол на високи стандарди, професионалност и визија за одржлив развој на македонското стопанство.

Во современиот и силно конкурентен свет, квалитетот повеќе не е извор, туку неопходност. Значи доверба кај потрошувачите, стабилност на компаниите и долгорочна конкурентност на националната економија. Компаниите што денеска ги добиваат наградите се пример како преку континуирано унапредување, иноваци и вложување во човечкиот капитал може да се создаде додадена вредност и позитивно влијание врз општеството. ССК останува силен поддржувач на сите иницијативи кои го поттикнуваат квалитетот, примената на меѓународните стандарди, дигитализацијата и зелената транзиција. Нашата цел е да создадеме поволна деловна клима во која македонските компании ќе можат успешно да се развиваат, да извеузват и рамноправно да се натпреваруваат на регионалните и глобалните пазари, истакна Ѓорѓиевски.

Подготвено од М.Д.

About Author