11.12.2025 Скопје
Данските разузнавачки служби за прв пат ги идентификуваа САД како потенцијална закана за безбедноста, што е директен резултат на потезите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и геополитичките тензии околу Гренланд. Претходната идеја на Трамп за можна анексија на тој остров би создала преседан што би можел да ја оправда руската окупација на украинскиот Крим. Данска, исто така, предупреди дека Русија шири дезинформации за Гренланд за да поттикне непријателство со САД.
Данската служба за одбранбено разузнавање (DDIS) во својот извештај наведува дека неизвесноста околу улогата на САД како гарант за безбедност за Европа ја зголемува веројатноста Русија да ги зголеми хибридните напади врз НАТО. Во исто време, употребата на економска и воена моќ од страна на Кина продолжува да го загрозува западното влијание, се вели во извештајот.
„Регионот на Балтичкото Море е област каде што постои најголем ризик Русија да употреби воена сила против НАТО“, соопшти разузнавачката агенција. DDIS истакнува дека САД сè повеќе ги приоритизираат сопствените интереси и дека „моментално ја користат својата економска и технолошка моќ како средство за влијание врз сојузниците“.
„Соединетите Американски Држави ја користат економската моќ, вклучително и заканата со високи царини, за да ја наметнат својата волја и повеќе не ја исклучуваат употребата на воена сила, дури и против сојузниците“, се вели во извештајот. Агенцијата, исто така, го истакна растечкиот интерес на САД за Гренланд, кој е територија на Кралството Данска.
Годишната проценка на заканите од DDIS доаѓа по повторените изјави на Трамп за неговата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, што ги затегна дипломатските односи меѓу Копенхаген и Вашингтон. Американскиот претседател не ја исклучи можноста за преземање на арктичкиот остров со сила. Сепак, според DDIS, и покрај новите околности, Русија и Кина остануваат главни ризици, а целокупната закана со која се соочува Данска „стана посериозна“.
Подготвено од М.Д.