P034470002401-295824-1623x1080

29.12.2025 Скопје

Во Европа, а особено во САД, расте непријателството кон доселеници. Двете најголеми економии на светот истовремено очајно бараат странска работна сила.

Извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) од минатиот месец, кому едвај и да му беше обрнато внимание, покажува дека миграцијата на работна сила се намалува ширум светот, иако општества кои се сѐ постари, се соочуваат со зголемена потреба од работна сила.

Таквиот тренд почна долго пред реизборот на Доналд Трамп, кој водеше успешна предизборна кампања со своите испади во однос на мигрантите. Според ОЕЦД, која ги следи глобалните економски и социјални текови, миграцијата на работна сила во нејзините 38 земји-членки во 2024 година се намалила за повеќе од една петтина.

Таквиот тренд, според ОЕЦД, се припишува помалку на побарувачката, а повеќе на зголеменото политичко одбивање на имиграција и построгите визни режими во одредени индустријализирани земји.

Сепак, привремената миграција на работна сила продолжила да се зголемува во анализираниот период.

„Најголемиот дел од падот на трајната миграција на работна сила може да се припише на политичките промени во Обединетото Кралство и Нов Зеланд“, објаснува Ана Дамас де Матос, виш аналитичар за политики во ОЕЦД.

Во Нов Зеланд, падот беше поврзан со крајот на еднократната регулатива за престој по пандемијата, која им овозможи на повеќе од 200 илјади привремени мигранти и нивните семејства да се стекнат со право на траен престој. Најголемата еднократна програма за престој во земјата истече во јули 2022 година.

Обединетото Кралство по Брегзитот го реформираше визниот режим за работници во здравството и негата на болни и изнемоштени лица, при што беа заострени критериумите за работодавачите и исклучени членовите на семејствата, заради што имаше нагло намалување на апликациите за виза.

Според ОЕЦД, поради ваквите ограничувања здравствениот сектор е особено погоден од недостигот на работна сила. Сита Шарма смета дека построгите прописи за меѓународни студенти во Обединетото Кралство се контрапродуктивни. Таа е експерт за прашања поврзани со миграцијата и била советник на Обединетите нации и индиската сојузна влада и владите на сојузните држави.

„Патот од универзитет до вработување сега е ограничен“, вели таа и додава дека „тоа ќе доведе до пад на барањата. Индијците, на пример, веќе нема да трошат големи суми за образование во странство, ако потоа немаат јасна перспектива.“

Извештајот на ОЕЦД покажува дека со 600 илјади иселеници минатата година, Индија убедливо води како земја на потекло за работна сила меѓу земјите-членки, по што следат Кина и Романија.

Во САД уште во време на претходната влада на Бајден беа воведени построги ограничувања за визите Х-1Б. Се работи за најважната програма што на странските стручњаци им овозможува да работат во земјата во области како технологијата, инженерството и медицината.

Трамп трошоците за виза за работодавците ги зголеми од дотогашните 2.000 до 5.000 долари на 100 илјади долари. Тој сака да ги ограничи можностите за траен престој во сите сфери.

Во Австралија, прагот за плата за визите за стручни работници беше зголемен, а во Канада можностите за ангажман на привремени работници се прилагодени.

И во нордиските земји миграцијата поврзана со вработување нагло се намали; само во Финска е забележан пад од 36 проценти во споредба со претходната година.

Во Германија, трајното доселување минатата година е намалено за 12 проценти со помош на построгите прописи за имиграција воведени од поранешниот канцелар Олаф Шолц. Лани во земјата дошле 586.000 странски работници. Бројот на лица кои доаѓаат со работни визи е за 32 проценти помал од годината пред тоа. Таквите реформи беа заострени од сегашната влада на Фридрих Мерц.

Херберт Брикер, професор по економија на универзитетот Хумболт во Берлин, смета дека поради тоа на германската економија ѝ претстојат проблеми.

„Со години Германија профитираше од просечна миграција на 550 илјади луѓе годишно“, вели Брикер за ДВ и додава. „Потребна ни е миграција за да ги замениме работниците што заминуваат во пензија. Без доселување, не може да ја одржиме стабилна понудата на работна сила.“

Според Меѓународниот монетарен фонд, околу две третини од работните места во ЕУ меѓу 2019 и 2023 година биле пополнети од граѓани кои не се од земји членки на ЕУ. По тоа се гледа колку Европа веќе е зависна од работниците доселеници.

Според проценките на Меѓународната организација на трудот (МОТ) глобално во 2022 година имало 167,7 милиони работници номади што соодветствува на 4,7 проценти од вкупната глобална работна сила. Повеќе од две третини од нив (114,7 милиони) живееле во земји со високи приходи.

И покрај падот во 2024 година, глобалната миграција на работна сила останува над нивото пред пандемијата. Сепак, извештајот на ОЕЦД покажува дека таквиот прилив може нагло да биде сопрен. Причината е во политичкиот отпор, поттикнат повеќе од стравот од нелегална миграција отколку од сè уште рекордно високата економска побарувачка.

Актуелната агенда на Трамп дополнително ја засили таквата динамика. Од доаѓањето на власт во јануари, тој издаде бројни декрети кои целат кон намалување на легалната и на нелегалната имиграција. Американската влада тоа го образложува со неопходноста на таквите мерки за заштита на американските работници и обезбедување систем базиран на квалификации.

Иако бројот на трајни доселеници се намалил во 2024 година, привремената или сезонската миграција на работна сила останала стабилна, стои во извештајот на ОЕЦД. Тука се отсликуваат преференциите на владите за краткорочни програми кои може произволно да ги прошират или ограничат.

„Желбата гласи: да носиме луѓе кога ни се потребни и да ги затвориме вратите кога не ни требаат – сите останати не ги сакаме трајно во нашата земја“, критикува експертот за миграција Шарма.

Сезонски ограничени програми за привремена работа во Австралија, Европа и Северна Америка и натаму се на цена за да се зголеми работната сила во земјоделството, негата на болни лица и во градежништвото. Но, и за техничари и други висококвалификувани работници се користат временски ограничени програми за вработување, се наведува во извештајот на ОЕЦД.

Подготвено од М.Д.

About Author