adem-cuculj-585x390

04.12.2025 Скопје

Антикорупциската комисија доби нов претседател. За првпат, челник на ова тело, суштинско за откривање и особено за спречување на корупцијата, станува човек однатре.

Правникот Адем Чучуљ, од 2006 година е во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), од времето кога институцијата броела шест вработени. Почнал како записничар и пишувал соопштенија, советувал и учествувал во стратегии и дебати, за лани да стане генерален секретар.

Toj, попладнево беше избран со поддршка од дури 82 пратеници.

Меѓутоа, иако искусниот инсајдер е логичен избор за прв човек на ДКСК, автоматски не значи дека истиот, досега неубедлив состав на комисијата, преку ноќ, ќе покаже заби и ќе им се спротивстави на центрите на моќ.

„Чучуљ нема лесна задача“, вели Миша Поповиќ, од Институтот за демократија, кој, како претставник на граѓанските здруженија, минатиот месец учествуваше во собраниските интервјуа за прв човек на Антикорупциска.

„Негова задача е за една година, барем да го запре трендот на назадување во борбата против корупцијата.“

Потребата за нов претседател среде мандат се појави откако летоска Татјана Димитровска се повлече, обвинета за оддавање службена тајна во корупциски предмет и за измама при добивање сертификат за класифицирани информации.

Сега Чучуљ е исправен пред предизвикот да се справи со имиџот на дискредитирана и тивка комисија, заробена во тесното толкување и практикување на своите ингеренции.

Имено, шесте члена на Антикорупциска, водени од долгогодишната ревизорка Димитровска, не „загризуваа“ во високопрофилните случаи што ги вклучуваа премиерот и првите луѓе на тајната полиција и на Агенцијата за разузнавање.

Подготвено од М.Д.

About Author