19.11.2025 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ќе пристигне во Анкара за да се обиде да го врати во живот мировниот процес околу војната во Украина, но без присуство на руски преговарачи, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Не, нема да има руски претставници во Турција – изјави Песков.
Според Зеленски, главната цел на посетата е „да се оживеат преговорите и да се развијат конкретни решенија што ќе им се понудат на партнерите“. Тој додаде дека Киев подготвува и нова рамка за размена на заробеници со Москва.
Меѓутоа, Кремљ го обвини Киев дека го замрзнал процесот во Истанбул и дека „режимот во Киев не одговорил на прашањата што биле поставени.
Русија, според Песков, останува на своите „главни барања“, што значи дека мир сè уште не е на повидок.
Истовремено, специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф планира утре да ја посети Турција и да учествува во разговори со Зеленски, соопшти турски извор.
Песков појасни дека рускиот претседател, Владимир Путин, во моментов нема планови да контактира со Виткоф или со турските претставници.
Сепак, Песков вели дека Москва е отворена за разговори за решение, факт што е добро познат во Вашингтон, Истанбул и Киев.
Од друга страна, украинската страна инсистира дека мировните разговори треба да продолжат под посредство на Турција, која веќе одигра значајна улога во постигнувањето на претходните договори за размена на заробеници и за извоз на жито преку Црното Море.
Посетата на Зеленски во Турција следи по неговиот денешен престој во Шпанија и се очекува да донесе нов дипломатски импулс во застојот на конфликтот што трае веќе повеќе од три години.
Делегации на Москва и Киев се состанаа двапати од мај оваа година на директни разговори во турската метропола. На средбите беа договорени неколку размени на воени заробеници и тела на загинати војници.
Подготвено од М.Д.