12.11.2025 Скопје
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави најновото истражување за јавните набавки во здравствениот сектор за периодот од 2015 до 2024 година. Според податоците, трошоците за јавни набавки за 10 години се зголемиле за 2,5 пати – од 126 милиони евра во 2015 на над 315 милиони евра во 2024 година.
Овој пораст не е проследен со подобрување на здравствените услуги. Напротив, бројот на прегледи во 55 клиники и болници е намален за 14%, а бројот на болнички денови за 24%.
Најголем раст на трошоците е забележан кај болниците и клиниките во РС Македонија. Сепак, граѓаните не добиваат повеќе или подобри услуги. Во последните три години, бројот на специјалистички прегледи е намален за околу 700.000, односно за 19%. Во гинекологијата, акушерството и трансфузионата медицина, падот надминува 60%.
Иако уште од 2015 постои законска обврска за воспоставување Национален систем за материјално-финансиско работење, тој сè уште не е имплементиран. Ова отвора простор за сомнежи дека лековите и реагенсите не се користат за пациентите.
Дополнително, речиси половина од вредноста на договорите се доделуваат во постапки со само еден понудувач, што го намалува натпреварот и ја зголемува веројатноста за корупција.
Тендерите за реагенси и тестови често се формалност – се спроведуваат за веќе одбран апарат, што однапред одредува кој ќе го добие договорот. Вредноста на овие набавки достигнува до 29 милиони евра годишно, со раст од 81%.
Исто така, тендерите за инсулин и сродни производи, вредни до 39 милиони евра, се спроведуваат без конкуренција, а договорите често се анексираат. И покрај зголемувањето на бројот на пациенти за 21%, вредноста на договорите пораснала за 77%.
Програмите за обезбедување инсулин се сè покуси, а извештаите за нивната реализација не се објавуваат редовно, што дополнително го намалува јавниот увид во трошењето на средствата.
Трошоците за вакцинација растат, но процесот е проследен со слабости – од планирање до доцнење во склучување договори. Трошоците за лекови за ретки болести скокнале од 1,5 милион на 19 милиони евра. Министерството за здравство нема целосни податоци за ефектите од терапиите, бидејќи не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести.
Истражувањето открива дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Во него се укажува на сериозни слабости во системот на јавни набавки во здравството. „Без ефикасни механизми за надзор и транспарентност, јавните средства ризикуваат да се трошат неефикасно, без вистински придобивки за пациентите“, велат од ЦГК.
Подготвено од М.Д.