11.11.2025 Скопје
Повеќе од 190 земји ќе разговараат за тоа како да се ограничи климатската криза и нејзините разорни ефекти, вклучувајќи почести и потешки суши, бури, шумски пожари и поплави.
Разговорите на конференцијата, позната како COPЗО, ќе се осврнат и на барањата на посиромашните земји за повеќе средства за прилагодување кон сè посуровите климатски услови.
На состанокот ќе има бројни повици од владите за порешителна акција: спротивно на претходните обврски, само околу една третина од земјите ги доставија своите климатски планови за периодот до 2035 година на време за конференцијата.
„Со оглед на несоодветните национални климатски политики, конференцијата ќе се фокусира на тоа како ограничувањето на глобалното затоплување неопходно за нашиот опстанок сè уште може да се постигне“, рече Мартин Кајзер, раководител на Гринпис Германија.
Во меѓувреме, земјата домаќин, Бразил, промовира нов фонд од повеќе милијарди долари за заштита на дождовните шуми, наречен Фонд за тропски шуми засекогаш (TFFF). Земјите што ги зачувуваат своите тропски шуми ќе бидат наградени, додека за секој уништен хектар ќе бидат изречени големи казни, а приходите ќе одат во фондот.
Пред 10 години, меѓународната заедница се согласи на самитот за климата во Париз да го ограничи глобалното затоплување на што е можно поблиску до 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа.
Сега, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, признава дека тоа ветување не е исполнето, нарекувајќи го „горчлива вистина“.
Тој рече дека прагот од 1,5 степени Целзиусови ќе биде надминат најдоцна до почетокот на 2030-тите, опишувајќи го како „морален неуспех и фатална небрежност“.
САД, втор најголем емитер на стакленички гасови во светот по Кина, се во процес на напуштање на Парискиот договор за климата и не учествува на конференцијата.
Недостатокот на финансирање од САД ќе им отежни на другите земји да преземат обврски за поддршка на посиромашните земји во борбата против климатските промени.
Според прогнозите на ОН, светот со постојните климатски политики е на пат кон зголемување на температурата од 2,8 степени Целзиусови.
На последното издание на конференцијата во Азербејџан, COP29, земјите богати со нафта, како што е Саудиска Арабија, се обидоа да го блокираат договорот за постепено укинување на употребата на фосилни горива.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ги опиша фосилните горива како „дар од Бога“ во својот воведен говор минатата година.
Подготвено од М.Д.