20.11.2025 Скопје
Она што го консумираме во голема мера влијае на нашето здравје – тешко можеме да го споредиме телото на човек на медитеранска диета со телото на зафатен жител на метропола кој јаде „брза храна“.
Сепак, едвај помислувавме до кој степен ултра-преработената храна може да влијае на нашите тела. Таа е поврзана со оштетување на секој главен органски систем во човечкото тело, според најголемата научна студија на оваа тема, објавена во медицинско списание.
Систематски преглед на 104 долгорочни студии покажа дека 92 од нив пријавиле зголемен ризик од една или повеќе хронични болести и прерана смрт од различни причини. Ултра-преработената храна доведува до зголемен ризик од голем број здравствени проблеми, вклучувајќи дебелина, дијабетес тип 2, срцеви заболувања и депресија. Според професорот Карлос Монтеиро од Универзитетот во Сао Паоло, ова јасно покажува дека „луѓето не се биолошки прилагодени да ја консумираат оваа храна“.
Ултра-преработената храна е производ произведен индустриски со вештачки ароми, емулгатори и бои – безалкохолни пијалоци, спакувани грицки, готови оброци, житарки за појадок, протеински плочки и она што го нарекуваме „брза храна“. Тие се богати со калории, но имаат ниска хранлива вредност.
Податоците од студијата се повеќе од алармантни, особено во контекст на статистиката поврзана со исхраната низ целиот свет. Во Велика Британија и САД, над 50% од просечната исхрана се состои од ултра-преработена храна. За младите луѓе и оние од помалку развиените подрачја, овој процент достигнува 80%.
Ултра-преработената храна брзо ги заменува свежите производи во исхраната на децата и возрасните на секој континент, што ги поттикнува експертите да предложат построги ограничувања за нивното рекламирање, особено насочено кон децата, и други мерки.
Други вклучуваат забрана за нудење на овој вид храна на јавни места како што се училиштата и болниците, ограничувања за продажба во супермаркетите и појасни етикети на пакувањето за информирање на потрошувачите.Успешен пример е националната програма за исхрана во училиштата во Бразил, која ги елиминираше повеќето ултра-преработени прехранбени производи и бара 90% од храната да биде свежа или минимално преработена до 2026 година.
Подготвено од М.Д.