7845ee40ad8ed100e5e1e567c2700842_690e5f746207f

08.11.2025 Скопје

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа дека добил ослободување од санкциите на САД за руските енергетски производи.

Орбан рече дека Унгарија успешно го заштитила својот план за намалување на сметките за енергија, како и дека ќе биде целосно ослободена од санкциите поврзани со гасоводите Турски тек и Дружба, објави унгарска агенција во петокот.

„Унгарија ќе продолжи да има најниски цени на енергијата во Европа“, рече унгарскиот премиер, додавајќи дека Будимпешта ги подготвила сите потребни услови за ова.

Според него, санкциите што можеа да ги направат испораките или увозот на енергетски производи поскапи за Унгарија нема да се применуваат.
„Ова е целосно ослободување од санкциите, без временско ограничување“, нагласи Орбан.

Тој додаде дека Унгарија и САД постигнале договор за соработка во областа на нуклеарната енергија, како и за укинување на санкциите што ги воведе администрацијата на поранешниот претседател Џозеф Бајден во врска со нуклеарната централа Пакс 2, објави агенцијата.

Орбан посочи дека САД немаат забелешки за изградбата на Пакс 2.

Според него, врз основа на постигнатиот договор, американската компанија Вестингхаус ќе стане нов снабдувач на горивни прачки за унгарската енергетска индустрија.

Орбан додаде дека е постигнат договор и за воведување на американска технологија во Унгарија и отворање на вратата за употреба на мали, модуларни SMR реактори.
Според него, Унгарија ќе добие и американска технологија што ќе ѝ овозможи безбедно складирање и отстранување на потрошеното гориво.

Трамп и Орбан се сретнаа во Белата куќа во петокот за да разговараат за зависноста на Унгарија од руската нафта и можностите за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.

Ова е нивна прва билатерална средба откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари.

Подготвено од М.Д.

About Author