01.11.2025 Скопје
Владата проектираше економијата да порасне за 3,8 проценти, а инфлација да падне на 2,5 отсто идната година. Од Народната банка, пак, размислуваат за нагорна корекција на инфлацијата за годинава на околу 4 проценти.
Економијата ќе порасне за 3,8 проценти, а инфлација ќе падне на 2,5 отсто. Вакви се проекциите на Владата која што го усвои предлог-буџетот за 2026 година, со кој економскиот пораст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари (6,09 милијарди евра), а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари (6,73 милијарди евра), додека проекцијата за капиталните инвестиции е на износ од 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).
Според министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон поддршка на макроекономската стабилност, економската активност, намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи.
„Проекцијата е дека наредната година ќе има 6 отсто пораст на даночните приходи кои ќе изнесуваат околу 12 милијарди денари. Придонесите се планирани на повисоко ниво за 4,7 милијарди денари и изнесуваат 4 отсто повеќе во однос на ребалансот за 2025 година. Посебен акцент е ставен на пораст на приватните инвестиции, кои се очекува да растат со забрзано темпо поради интересот на компаниите за поволната кредитна линија“, рече министерката Димитриевска-Кочоска на прес-конференција во вторникот (28.10).
Народната банка размислува за нагорна проекција на инфлацијата.„Многу е веројатно Народната банка да направи нагорна корекција на проекциите за инфлацијата, која што во моментов е над очекувањата, а стабилизација и нејзино враќање на посакуваните два отсто се очекува на среден рок“, вели вицегувернерката Ана Митреска.
Вицегувернерката Ана Митреска вели дека се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност што не е проблем само за носителите на макро политиките, туку и за бизнис секторот. Клучен ризик се трговските тензии поради нејасни и непредвидливи договори меѓу земјите. На конференцијата таа оцени дека глобалната неизвесност и непредвидливост веќе половина деценија е неизбежен дел од макроекономските проекции.
„За жал, единствена константа во овие околности е непредвидливоста. Анализите покажуваат дека скоро 83 проценти од анкетираните компании во ЕУ ја навеле неизвесноста како клучен фактор при носење одлуки за инвестиции“, вели Митреска.
Подготвено од М.Д.