18.11.2025 Скопје
19 ноември 2025 година. Судница во затворот „Идризово“ на периферијата на Скопје. Ова се датумот и местото за кога е закажан почетокот на судскиот процес за една од најголемите трагедии во поновата историја на Република Северна Македонија – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој однесе 63 жртви, а над 200 лица беа повредени.
На обвинителна клупа треба да седнат вкупно 34 лица и застапници на три фирми опфатени со обвинителниот акт. Меѓу нив, газдите на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори…
Судењето доаѓа осум месеци по пожарот кој избувна во утринските часови на 16 март за време на настап на музичката група ДНК. Исто толку време трае и крикот за правда на родителите и роднините на загинатите. Секоја сабота низ кочанските улици организираа „Марш за ангелите“, а последниот, 30-ти по ред, го одржаа во Скопје на 15 ноември.
Поддршка добија од илјадници граѓани кои маршираа со нив од централниот плоштад „Македонија“, до Собранието и Основниот кривичен суд. Сите посакуваат правда, но голем дел се и скептични.
„Од историјата на нашето правосудство и начинот како претходно се водело судството, човек не може да биде преголем оптимист. Меѓутоа, јас мислам дека ова е шанса судската власт да се избори како самостојна власт и да не подлегнува под притисоци на извршната власт“, изјави скопјанецот Илија кој беше дел од граѓаните кои маршираа низ главниот град во саботата.
Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК – искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.
Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.
Овој предмет бројни правници го посочија како тест за правосудните органи, кои изминатите години се соочуваа и со доверба кај јавноста од само 2%,
„Овој предмет ќе биде тест не само за капацитетот на судот да управува со сложена постапка, туку и за способноста на институциите да понудат правда што ќе го издржи тестот на правната аргументација и довербата на јавноста“, вели за РСЕ, Дарко Аврамовски, извршен директор на невладината Коалиција „Сите за правично судење“ која долги години врши мониторинг на судските постапки.
Обвинителниот акт за предметот не е обемен и комплексен само по бројот на обвинети и оштетени, туку и по временскиот период што го опфаќа – последните 13 години. Обвинетите се товарат дека со своите постапки придонеле да се случи трагедијата или дека тоа што ништо не сториле, исто така довело, до неа. Ова се однесува посебно на службените лица и функционерите.
На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
„Освен формалните предизвици, постојат и материјални прашања кои придонесуваат кон комплексноста и специфичноста на овој случај. Така на пример, обвинението ги товари сите обвинети за едно исто кривично дело, иако нивните улоги, дејствија, како и временски период во кој тие се случиле се драстично различни“, вели Аврамовски.
Ваквата поставеност, според него, „ја отежнува индивидуализацијата на одговорноста и јасното утврдување на причинско-последичната врска за секое лице поединечно“ и тоа дополнително ќе влијае на ефикасноста и правичноста на процесот.
Сепак, вели тој, ефективна и ефикасна правда е возможна ако судењето се води внимателно, професионално и без отстапување од правните стандарди. А важно е, како што вели, и да не се дозволи јавниот притисок да ја измени суштината на правниот процес.
Судиите, според јавните реакции, се свесни за значењето на процесот што почнува пред Основниот кривичен суд во Скопје.
„Овој процес нема да биде само тест на нашата правна подготвеност, туку и на нашата издржливост, професионалност и независност. Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото“, рече в.д. претседателката на судот, Даниела Димовска, во својот говор на годишното собрание на Здружението на судии на 31 октомври.
А покрај, судството, на потег за случајот со пожарот во Кочани се и пратениците. Родителите на последниот „Марш за ангелите“ на 15 ноември од пред Собранието побараа анкетна комисија и надзорна расправа со цел да се расветли целосната одговорност за трагедијата.
Опозијата го поддржа барањето. Лидерот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче, најави дека денеска (18 ноември) ќе поднесат ваков предлог во парламентот.
„Пратеничката група ни раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во РС Македонија“, вели Филипче.
Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, пак, најави дека како претседател на Постојната анкетна комисија за следната недела ќе закаже посебна седница на која ќе се разгледуваат претставнките и наводите на родителите за пожарот во „Пулс“.
Подготвено од М.Д.