27.11.2025 Скопје
Наскоро ќе се знае дали ќе се зголемат сметките за струја од 1 јануари наредната година. ЕСМ ја достави новата цена на струјата до Владата, која на затворена седница одлучуваше дали е прифатлив предлогот на државните електрани или, пак, не е.
Во моментов, ЕСМ ја продава електричната енергија за домаќинствата по 62 евра за мегават-час, која е повисока од производствената, која изнесува над 100 евра за мегават-час.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не очекува драстично зголемување на цената на струјата и ако има нагорна корекција, таа би била од еден до три проценти. И покрај барањата на Европската комисија, Владата нема да се откаже од субвенционирањето на струјата за граѓаните и нема да дозволи зголемување на цената за 30 до 35 проценти. Ако има зголемување, тоа би било минимално за разлика од земјите во регионот, каде што зголемувањето се движи од 10 до 15 отсто.
Премиерот не сакаше јавно да ја објави цената што ја понудило ЕСМ, бидејќи, како што рече, одлуката е донесена на затворена седница на Владата и е класифициран податок.
Од Регулаторната комисија за енергетика, која треба до крајот на месецов да донесе одлука за цената за пренос и дистрибуција на струјата, ставка што влегува во сметките за струја што ги плаќаат домаќинствата, велат дека не очекуваат никаква корекција во овој дел.
Оваа година, тендерот за набавка на струја за домаќинствата, како што беше објавено, ќе биде годишен, што значи дека цената на струјата што ќе се донесе на крајот од декември ќе важи за цела година.
Инаку, заклучно со септември, загубите на ЕСМ се над 90 милиони евра, а потрошени се над 60 милиони евра за набавка на електрична енергија. Па останува да се види колку ќе влијаат овие набавки на новата цена на електричната енергија.
Подготвено од М.Д.