13.11.2025 Скопје
Европската комисија објави дека советува спроведување на строги безбедносни контроли во Србија при одобрување на државјанства на странски лица, поради тоа што лицата со српски пасоши имаат привилегија да патуваат во Европската Унија без визи.
Како одговор на прашањето во врска со порастот на бројот на руски државјани кои добиваат српско државјанство, одделот за односи со јавност на Европската комисија изјави дека целта на ЕУ е да го продолжи дијалогот со Србија во врска со ова прашање.
„Брзото добивање на правото на патување во ЕУ без визи за државјаните на Русија преку доделување на српско државјанство претставува потенцијални безбедносни ризици за ЕУ, бидејќи носителите на српски пасоши имаат корист од безвизно патување во ЕУ“, соопшти службата за печат, воздржувајќи се од давање прогнози за можните мерки што ЕУ би можела да ги преземе.
Во последниот извештај на ЕК за напредокот на Србија, објавен минатата седмица, се истакнува дека одобрувањето на српско државјанство на руски државјани претставува потенцијален безбедносен предизвик за ЕУ.
Истражувањето покажа дека од 121 одлука на Владата на Србија за доделување државјанство во 2023 година, речиси две третини се однесуваат на граѓани на Русија.
Ова е посебен процес, каде државјани на други земји можат да добијат српско државјанство доколку тоа е во “интерес за Србија”.
Оваа бројка би можела да биде и повисока, бидејќи информациите за давање државјанство преку стандардната процедура не се достапни за јавноста.
Според податоците од одлуките објавени во Службен весник, бројот на владини одлуки за прием на руски граѓани во српско државјанство е во пораст од 2022 година, кога Русија ја нападна Украина.
Подготвено од М.Д.