sleeping-brain-750x375

11.11.2025 Скопје

Научниците открија дека често препишуван антибиотик би можел да помогне во намалувањето на ризикот од развој на шизофренија кај адолесцентите. Меѓународен тим научници од Универзитетот во Единбург дошол до овој заклучок анализирајќи податоци од голем фински регистар за здравствена заштита.

Тимот ги проучувал податоците собрани од повеќе од 56.000 адолесценти кои разговарале со психолози или психијатри за разни ментални нарушувања и на кои им биле препишани антибиотици од други причини. Тие откриле дека ризикот од развој на шизофренија кај групата третирана со антибиотикот доксициклин бил за 30 до 35 проценти помал од оној кај нивните врсници на кои им биле препишани антибиотици од друга група.

Доксициклинот е антибиотик со широк спектар, кој најчесто се користи за лекување на инфекции и акни, а научниците веруваат дека неговиот ефект врз шизофренијата може да биде поврзан со ефектите на лекот врз воспалението и развојот на мозокот.

Претходните студии, исто така, покажале дека доксициклинот може да го намали воспалението во мозочните клетки и да влијае на синаптичкото кастрење, природен процес со кој мозокот ги рафинира своите невронски врски. Ова вклучува отстранување на непотребни компоненти, во овој случај вишок синапси, што е од суштинско значење за мозокот да функционира брзо и ефикасно.

Синаптогенезата е процес со кој се формираат синапси – местата каде што се одвива комуникацијата помеѓу два неврони.

Мозокот може да се спореди со компјутер кој постојано брише непотребни информации за да направи место за нови, а ова се случува за време на спиењето. Исклучително важна активност на мозокот е способноста да се разградат старите невронски врски, што се нарекува „синаптичко кастрење“.

Сепак, процесот на прекумерно кастрење е поврзан со развојот на шизофренија, тешко ментално нарушување кое обично се појавува во раната адолесценција и често е поврзано со халуцинации и заблуди.

Тимот го нарече откритието исклучително интересно, истакнувајќи дека укажува на потенцијалот за пренамена на постоечки, широко користен лек како превентивна мерка во третманот на оваа сериозна ментална болест.

„До половина од луѓето кои развиваат шизофренија претходно разговарале со професионалци за ментално здравје на деца и адолесценти за некој друг проблем со менталното здравје“, објасни професорот Иан Келехер, водач на студијата и професор по детска и адолесцентна психијатрија на Универзитетот во Единбург.

Тој исто така рече дека лекарите моментално немаат специфични интервенции за кои е познато дека го намалуваат ризикот од развој на шизофренија кај овие млади луѓе, но дека откритието е предизвик и поттик за нив да продолжат со своето истражување.

„Бидејќи ова е опсервациска студија, а не рандомизирано контролирано испитување, не можеме да извлечеме цврсти заклучоци за причината и последицата, но ова откритие дава силен поттик за понатамошни истражувања за заштитните ефекти на доксициклинот и другите антиинфламаторни третмани кај адолесцентни психијатриски пациенти како начин за потенцијално намалување на ризикот од развој на сериозни ментални болести во подоцнежната зрелост“, рече Келехер.

Во студијата учествувале истражувачи од Универзитетот во Единбург, Универзитетот во Оулу, Универзитетскиот колеџ во Даблин и Групата за болнички услуги „Св. Јован Богослов“, а била финансирана од Советот за здравствени истражувања.

Подготвено од М.Д.

About Author