istoriski prasanja makedonija bugarija

13.11.2025 Скопје

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски изјави дека тој има личен став за она што во изминатиот период го изнесува копретседавачот на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, но рече дека нема да навлезе во коментирање, бидејќи со тоа ќе му ја исполни намерата – да го политизираат процесот.

„Јас ако навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте имам личен став како човек, односно многу работи што тој ги кажа во последниот период, тогаш веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува, да го политизираме тој процес. Јас единствено што можам да повторувам и често го кажувам тоа и како поединец којшто доаѓа од академската средина е да си работат како научници во рамките на таа Комисија, рече Муцунски на прес-конференција во Владата.

Тој додаде дека политиката нема право да се меша во академската слобода и дека Комисијата треба да носи заклучоцуи засновани на научни методи.

Една работа која што ја кажав уште на почетокот на нашиот мандат е дека политиката нема право да се меша во академската слобода. Обврската на членовите на таа комисија е да дискутираат, дебатираат и ако успеат да донесат некои заклучоци врз основа на нивните научни познавања. Така што, политиката ги има тргнато рацете, откако Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија, вели Муцунски.

Димитров изјави дека Комисијата „е еден вид алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“

На прашањето „до каде е стигната работата на Комисијата“ тој одговори: „Најкраткиот одговор е – до никаде. По осум години работа и 38 состаноци, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, кој во Бугарија одговара на шесто одделение, односно на 11-тиот век. Наместо да зборуваме за блокада, ќе употребам поумерен термин – застој. Тој застој ја отсликува и целокупната состојба во Република Северна Македонија, што е нотирано и во извештајот од Брисел, но и покрај тоа не предизвикува загриженост кај државното раководство“.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања минатата недела во Скопје ја одржа 38. редовна средба, а следната средба ќе се одржи во првата половина на декември во Софија.

Подготвено од М.Д.

About Author