17.11.2025 Скопје
На нешто повеќе од еден месец пред истекот на законски утврдената обврска за исплата на регрес за годишен одмор (К-15), податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека фирмите веќе исплатиле над 3,7 милијарди денари во бруто-износ, при што се уплатени и 372 милиони денари данок на личен доход.
Според анализата на УЈП, просечниот исплатен износ годинава изнесува 24.290 денари, што е значително над минимално пропишаната сума од 18.141 денари. Дел од работодавачите исплаќаат повисоки износи, што ја зголемува просечната вредност на регресот.
Досега, обврската ја исполниле 11.046 работодавачи, кои исплатиле К-15 на вкупно 137.840 работници, што претставува нешто повеќе од една четвртина од вкупниот број компании кои минатата година ја извршија исплатата , а тој број изнесувал над 40.000 работодавачи.
Регресот за годишен одмор се исплаќа во периодот од 1 јули до 31 декември, а неговата минимална сума изнесува 40% од просечната тримесечна нето-плата во државата.
Овие податоци укажуваат на стабилен динамички почеток на исплатите, со очекување интензитетот значително да се зголеми во последниот квартал, кога традиционално најголем број компании ја исполнуваат оваа законска обврска.
Подготвено од М.Д.