PARI 3

24.11.2025 Скопје

Поголем дел од младите во државата избираат да земаат поголема плата наместо да бидат пријавени во Фондот за пензиско и здравствено осигурување. И покрај тоа што кај нас постои Закон за задолжително пензиско и здравствено осигурување, многу газди наоѓаат начини како да не ги пријават своите вработени или да ги пријават на минималец, а другите пари да им ги дадат на рака.

Овој проблем го нотираа и од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, од каде што сметаат дека треба да се најде соодветно решение како да влезат младите во системот. Според податоците од Сојузот на синдикатите на РС Македонија, над 80 илјади работници работат во неформалниот сектор, а државата годишно губи над 250 милиони евра, пари што наместо во буџетот, одат во џебовите на газдите.

Од МАПАС велат дека мора да се најде соодветно решение што ќе им одговара на фриленсерите, на младите што работат на проекти и на државата, со цел да се намали сивата економија, а младите да остварат право на социјално и на здравствено осигурување и да бидат ослободени од ризикот што постои поради невработеност, болест, старост…

Не може точно да се измери колкава е сивата економија во делот на вработеноста, но има многу показатели што покажуваат дека се зголемува бројот на вработени што работат на црно. Има многу градежни работници, градежни занаетчии, водоводџии, електричари… што работат во сивата економија, односно земаат само дневница или се платени од час и не се пријавени.

Друг проблем е што често газдите ги пријавуваат работниците на скратено работно време, односно на четири часа, а работат осум часа. Исто така, често се користи формулацијата „договор на дело“, и ги држат работниците непријавени.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски вели дека државата треба да направи систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо.

Според него, во борбата против сивата економија е особено важна едукацијата, така што секој поединец треба да сфати дека треба да работи легално, односно да биде вклучен во системот. Во многу фирми има непријавени работници за кои газдите велат дека се од фамилијата и дека учат занает, дека се на обука, на пробна работа… Под овие изговори, тие ги држат работниците непријавени, појаснува тој.

Експертите појаснуваат дека и покрај тоа што пензиското и здравственото осигурување во државата се задолжителни, дел од работодавците изнаоѓаат начини како да ги заобиколат, односно да не ги пријават работниците. Поради тоа, страда и пензискиот систем. Така, во моментов имаме еден и пол вработен на еден пензионер, а за да биде одржлив системот, потребни се тројца вработени на еден пензионер.

Подготвено од М.Д.

About Author