17.11.2025 Скопје
Денес во 12:00 часот продолжува комисиската расправа во Собранието, за предлог-буџетот за 2026 година. На матичната Комисија за финансирање и буџет, во петокот осврт даде министерката за финансии, во саботата пратениците од власта го бранеа предложениот буџет како одржлив и развоен, додека, пак, од опозицијата го оценија како неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и за граѓаните.
Емил Спасовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се работи за исклучително развоен буџет, со вклучена социјална компонента. Тој истакна дека целта е забрзување на економскиот раст и спроведување фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина, воедно посочувајќи дека најголем двигател на растот ќе бидат бруто-инвестициите.
За во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8 %, како резултат на растот на инвестициите и на последователниот пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10 %, раст на пензиите и на платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто-инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, во патната и во железничката инфраструктура, пред сè коридорите 8 и 10-д, како и на проекти во енергетиката, земјоделството, образованието и во здравството – рече Спасовски.
Тој нагласи дека тоа што се предвидува за наредната година раст на економијата од 3,8 % не е случајно, туку дека е континуитет на растот на БДП во последните три квартали.
Стапката на инфлација е детерминирана на 2,5 % како резултат на рамнотежата во делот на цените на храната, од една страна, и цените на енергенсите, од друга, што зборува за континуиран економски раст, стабилизирање на инфлацијата, добро менаџирање на јавните пари – рече Спасовски.
Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека во предлог-буџетот за 2026 година за образование и наука се планирани 45,7 милијарди денари, што е за 1,1 милијарда денари повеќе од минатата година.
Ние, како парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ја имаме обврската да поставиме нови стандарди, да го коригираме она што беше погрешно и да го вратиме достоинството на институциите и на граѓаните. Најважен сегмент што ја одредува иднината на Република Северна Македонија е вложувањето во младите и во образованието. Овој предлог-буџет го прави токму тоа, ја засилува образовната инфраструктура, ги поддржува студентите, ја поддржува науката и создава услови што младите ги заслужуваат – истакна Бојковска.
Таа се осврна особено на програмата за одделот наука, информирајќи дека се издвојуваат 823,4 милиони денари, што е 26 % повеќе од 2025 година.
Ова е еден од нашите приоритети: да се вложува во научноистражувачката работа и да имаме нација што ќе ја носи државата на здрави столбови. Никогаш повеќе претходно не биле поддржани науката и научната дејност. Особено сакам да го потенцирам вложувањето во инклузивното средно образование. Изградбата на спортски сали во основните училишта е зголемена за 44 % или 113 милиони денари. Ова се инвестиции во генерациите, во талентите, во иднината – кажа Бојковска.
Според пратеникот Златко Пенков од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Министерството за финансии креирало буџет што ќе ги решава проблемите на граѓаните.
Главни двигатели ќе бидат зголемената активност кај градежништвото и домашната потрошувачка. Предвидено е стапката на невработеност да биде 10,1 %, а платите и пензиите ќе растат. Сметам дека треба да се спроведуваат уште поинтензивни политики за привлекување странски, но и домашни инвестиции за уште поголем раст на БДП, да се изнајдат такви мерки со кои ќе им се дозволи на инвеститорите да работат, заработат и да вработуваат. Само така ќе дојдеме до степен кога ќе можеме да зборуваме за суфицит во буџетот, а сега има одлична база за тоа, бидејќи досегашните политики дадоа исклучителен резултат – потенцира Пенков, кој истакна дека сивата економија има потенцијал од 700 милиони евра годишно.
Опозицијата со критики за предлог-буџетот. Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, нагласи дека буџетот не содржи никакви политики за зголемување на платите, ниту мерки за справување со сè поголемата сиромаштија.
Цените растат, граѓаните должат повеќе, а примаат исто. Наместо да живеат подобро, тие повторно плаќаат повеќе. Нема развој, нема реформи, нема повисоки плати, нема мерки за сиромаштијата, има само задолжување, кратење и непродуктивно трошење. Ова е буџет на хартија, без капацитет да донесе подобар живот – рече Лукаревска.
Таа посочи дека Владата нема никакви алатки за да ја сопре инфлацијата, која и понатаму е висока, на што реплицираше Пенков, кој е сигурен дека ако се стави во формални рамки, ќе биде дополнителен „инпут“ за раст на домашниот производ.
Вкупните приходи во предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 %, инфлацијата на 2,5 %, а буџетскиот дефицит на 3,5 % од БДП. Приватната потрошувачка е проектирана со раст од 2,6 %, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4 %, во насока на фискална дисциплина.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во петокот, на првиот ден од расправата, рече дека ова не е само уште еден документ со бројки и табели, туку е економска порака за стабилност, доверба и за развој.
Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и на странските инвестиции. Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави – потенцира министерката.
Таа очекува позитивните трендови да се одразат и на пазарот на трудот.
Се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5 %. Ова ќе биде како резултат на отворањето нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што ги спроведува Владата.
Пленарната седница на која ќе се разгледува предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември, а досега се поднесени над 100 амандмани.
Подготвено од М.Д.