naftna-industrija-srbije

26.11.2025 Скопје

Нафтена Индустрија на Србија (НИС) објави дека рафинеријата за нафта во Панчево ги започнува подготовките за прекин на работењето, поради недостаток на сурова нафта за преработка, предизвикан како резултат на санкциите што Министерството за финансии на САД ги наметна врз компанијата.

“Во првата фаза, постројките се пуштени во топла циркулација, а целиот процес се спроведува во согласност со законите на Република Србија, внатрешните правила на компанијата и најстрогите еколошки стандарди и правилата за безбедност и здравје при работа”, наведува НИС.

Рафинериските капацитети ќе бидат спремни за старт штом ќе се исполнат условите, односно штом ќе се добијат информации за достапноста на необработена нафта.

“Во овој момент, компанијата НИС продолжува да го снабдува домашниот пазар со нафтени деривати без прекин, благодарение на претходно обезбедените резерви”, се додава во соопштението.

Компанијата НИС истакнува дека на никаков начин не придонела кон воведување санкции кои ја загрозуваат работата на компанијата и социјалната стабилност на повеќе од 13,500 вработени.

Народната Банка на Србија денес објави дека доколку компанијата НИС не добие лиценца за функционирање до предвидениот рок, ќе ги стопира платните трансакции со таа компанија.

Како што се додава, НБС ќе го стори ова со цел да не биде доведена во прашање стабилноста на домашниот финансиски систем на никаков начин, односно паричните трансакции во државата да функционираат без проблеми. Народната банка на Србија доби предупредување дека доколку продолжи со платните операции со НИС, која е под санкции, ќе потпадне под секундарни санкции.

Гувернерката на НБС, Јоргованка Табаковиќ изјави дека “се надеваме дека нема да има санкции, а не сакам ни да размислувам што значат секундарните санкции, тоа би значело целосно блокирање на сите плаќања”, рече таа.

Подготвено од М.Д.

About Author