TRAMP 5

03.11.2025 Скопје

Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа изјави дека е можно испраќање војници во Нигерија или изведување воздушни напади со цел да се спречи убивањето на голем број христијани во западноафриканската држава.

На новинарско прашање дали размислува за војници на терен или воздушни напади врз Нигерија, Трамп одговори: „Може да биде. Мислам, и други работи. Замислувам многу работи.“

„Тие убиваат рекорден број христијани во Нигерија. Тие убиваат христијани и ги убиваат во многу голем број. Нема да дозволиме тоа да се случи“, истакна Трамп.

Претходниот ден, тој се закани со воена интервенција против Нигерија, доколку најбројната земја во Африка не го запре убивањето на христијани.

Неговата закана дојде откако неговата администрација повторно ја вклучи Нигерија во листата на „земји кои предизвикуваат особена загриженост“, односно држава која ги крши верските слободи.

На оваа листа се наоѓаат и Кина, Мјанмар, Северна Кореја, Русија и Пакистан.

Како одговор на заканите на Трамп, Нигерија вчера соопшти дека ќе прифати помош од САД за борба против исламистичките бунтовници, под услов да се почитува нејзиниот територијален интегритет.

„Ја поздравуваме помошта од САД сè додека таа го признава нашиот територијален интегритет“, изјави Даниел Бвала, советник на нигерискиот претседател Боле Тинубу.

Во Нигерија живеат над 237 милиони жители, поделени во околу 200 етнички групи. Северниот дел на земјата е претежно населен со муслимани, додека на југ живеат христијани.

Исламистичките бунтовници, како Боко Харам, предизвикуваат хаос во земјата повеќе од 15 години, убивајќи илјадници, но нивните напади се претежно ограничени на претежно муслиманскиот североисток на земјата.

Според аналитичарите, иако меѓу жртвите на исламистичките милитанти има христијани, огромното мнозинство жртви се муслимани.

Подготвено од М.Д.

About Author