26.11.2025 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп искажа оптимизам во врска со мировниот план за Украина, повлекувајќи го крајниот рок кој претходно беше поставен пред Киев за прифаќање на предлогот.
Трамп објави прогрес во разговорите, истакнувајќи дека Москва се согласила на попуштања и дека целата структура е прилагодлива, нарекувајќи ја „само мапа“.
Во изјава за новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Еден“ на пат кон Флорида, каде што ќе го одбележи Денот на благодарноста, Трамп рече дека преговарачите остваруваат напредок во консултациите со Русија и Украина.
Во однос на рокот, Трамп рече дека не поставил строг датум за завршување. “Крајниот рок за мене е, кога сè ќе заврши”, потенцираше Трамп и додаде дека “на сите им е преку глава од борби во овој момент”.
Американскиот претседател пред новинарите го бранеше оригиналниот предлог на САД од 28 точки, опишувајќи го како “само мапа”, а не како завршен план. “Ја земаа секоја од 28-те точки, а потоа дојдоа до 22 точки. Многу од нив беа решени, и всушност решени многу поволно”, рече тој.
Првично предложената американска рамка предизвика критики во Европа и во Украина дека е силно ориентирана кон руските интереси, предизвикувајќи стравувања дека администрацијата на Трамп може да ја принуди Украина да потпише мировен договор.
Киев и Вашингтон сега известија дека украинската Влада се согласила со клучните аспекти од ревидираната рамка.
На прашањето за загриженоста дека Украина може да биде притисната да направи претерани територијални отстапки, Трамп рече дека државата за која станува збор “веројатно ќе биде заземена од Русија и онака” во наредните месеци.
Тој додаде дека и Москва ќе направи отстапки, вклучително и прекин на воените дејствија и воздржување од заземање “повеќе земја”, но не прецизираше какви отстапки. Исто така, забележа дека се чини дека Русија има предност во војната и дека е во интерес на Украина да постигне спогодба.
Во тек се разговори со европските земји за безбедносни гаранции за Украина.
Трамп претходно најави дека специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, ќе отпатува за Москва на средба со претседателот Владимир Путин, додека претставникот на Пентагон, Даниел Дрискол, ќе одржи паралелни разговори со Украина. Средбата во Москва би можела да се случи следната недела, со можно присуство на зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Подготвено од М.Д.