27.11.2025 Скопје
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои на сопствениците на возачки дозволи издадени во Република Северна Македонија им се овозможува замена на документот без полагање на практичниот дел од испитот, под услов да имаат регулиран престој во Словенија.
Оваа одлука, донесена вчера, претставува значително олеснување за македонските граѓани кои живеат и работат во Словенија, а исто така важи и за сопствениците на возачки дозволи од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, возачите од Северна Македонија ќе можат да ги заменат своите дозволи во рок од една година од датумот на пријавување престој во Словенија. Тие нема да мора да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит, но сепак ќе треба да достават доказ за ментална и физичка способност за возење (здравствено уверение).
Сандра Газинковски од партијата Слобода, која беше претставник на предлагачите на законот, објасни дека целта не е воведување привилегии, туку отстранување на неоправдани административни пречки.
Сепак, опозицијата се спротивстави на овој закон, наведувајќи дека промената може да влијае на безбедноста во сообраќајот.
Подготвено од М.Д.