eu-2

11.11.2025 Скопје

Претседателката на Советот на ЕУ, данската премиерка Мете Фредериксен, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола, денес ќе одржат онлајн состанок во обид да ги разрешат несогласувањата околу Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, во вредност од 2,000 милијарди евра.

Клучна проблематична точка во буџетот е предлогот на Комисијата за спојување на фондовите за финансирање на регионалниот развој и земјоделството во единствен „партнерски план“ во износ од 865 милијарди евра, на што остро се противат Европскиот парламент, регионалните власти, земјоделските здруженија, но и одредени земји членки.

Европарламентот дури се закани со блокада на разговорите за буџетот, доколку овој предлог не биде изменет.

За да го смири овој „потенцијален бунт“, Европската комисија вчера попладне излезе со предлог најмалку 10 проценти од средствата во „партнерскиот план“ да бидат наменети за земјоделството, како и регионалните и локалните власти да имаат позначајна улога во донесувањето одлуки околу начинот на трошење на парите.

Покрај тоа, ЕК предлага и поголема улога на Европскиот парламент во креирањето на јавните трошоци на ЕУ, на што европратениците веќе подолго време инсистираат.

Овој предлог се смета за напор на ЕК да покаже дека ги исполнува барањата на европратениците.

Со цел да ги доближи позициите, еврокомесарот за буџет Пјотр Серафин во средата вечерта одржа средба со лидерите на пратеничките групи во ЕП и главните парламентарни преговарачи за буџетот, по која дел од европратениците оценија дека е постигнат напредок и дека би можело да се дојде до некаков договор во текот на оваа недела.

Новиот предлог на ЕК следи откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите на ЕУ (Корепер) во петокот, според дипломатски извори, заклучил дека суштинска улога околу усогласувањето на следната буџетска рамка треба да имаат членките на Унијата, односно дека главниот збор во преговорите за „суштински промени“ на предлогот треба да го имаат лидерите во рамки на Европскиот совет, пред другите институции на блокот.

“Расположението во Советот е дека ова не е време да се играат институционални игри, дури и ако забелешките што ги покренаа лидерите на пратеничките групите, исто така можеме да ги слушнеме и од земјите членки”, изјави неименуван дипломат.

Оттаму, според него, се очекува на денешниот состанок Фредериксен да и ги пренесе на Мецола забелешките на земјите членки и да и порача дека Европскиот парламентот не треба да ги одолговлекува работите, во услови кога „Европа треба да дејствува брзо и решително“.

Советот се плаши дека ако ЕП не го промени својот став, преговорите за следната буџетска рамка, кои некои веќе ги оценија како „најтешки во историјата на ЕУ“, би можеле да излезат од контрола и да се пролонгираат во текот на целата 2026 и 2027 година.

Ваквото сценарио, воопшто не оди во прилог на лесен договор околу буџетот, имајќи предвид дека за во 2027 година се предвидени претседателските избори во Франција, кои би можеле уште повеќе да ги усложнат работите.

Инаку, Предлог-повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 е на агендата на овонеделното „мини-заседание“ на Европскиот парламент, предвидено за в среда и четврток во Брисел.

Подготвено од М.Д.

About Author