11.11.2025 Скопје
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев изјави дека над 180.000 граѓани од РС Македонија поседуваат бугарски пасоши, а околу 20.000 нови апликации се моментално во постапка на разгледување од страна на бугарските власти.
Во интервју за бугарските медиуми, Ковачев истакна дека оваа бројка покажува „длабоки историски и културни врски меѓу двата народа“, додавајќи дека многумина од апликантите го користат пасошот и како начин да патуваат и работат во земјите на Европската Унија.
„Повеќе од 180 илјади граѓани од Република Северна Македонија веќе го имаат добиено бугарското државјанство врз основа на нивното бугарско потекло, а постојано пристигнуваат нови барања. Процедурите се одвиваат во рамките на законот и под надзор на Министерството за правда“, рече Ковачев.
Темата за бугарските пасоши кај македонските државјани често предизвикува контроверзии, особено поради политичките импликации и прашањата за национален идентитет. Според аналитичарите, дел од граѓаните го гледаат бугарскиот пасош како практична можност за подобри економски услови, додека други ја потенцираат историската врска со Бугарија.
Подготвено од М.Д.