5d861dd92300005700d24b0a

01.11.2025 Скопје

Грција од 2026 година ќе започне со примена на нов модел на доброволна воена служба за жени, како дел од пошироката реформа на одбранбениот систем. Одлуката беше најавена од грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас, кој истакна дека ова е историски чекор кон модернизација на армијата и зголемување на родовата еднаквост во вооружените сили.

Програмата ќе започне во пилот-фаза и во првиот циклус се очекува да бидат примени меѓу 100 и 150 доброволки. Жените веќе имаат можност да служат во грчката војска, но новата иницијатива воспоставува формализиран и структуриран систем за нивно активно вклучување во регуларниот кадар.

„Целта не е само да се зголеми бројот на припаднички во армијата, туку да се создадат услови тие рамноправно да учествуваат во одбранбените капацитети на земјата“, истакна Дендиас. Тој додаде дека реформата бара развивање на соодветна инфраструктура, обука и организациска поддршка за целосна интеграција на жените во воените структури.

Во моментов, жените сочинуваат околу 17 проценти од персоналот во грчките вооружени сили. Воведувањето на доброволната служба за жени е дел од поширока стратегија за јакнење на одбраната, подобрување на резервните сили и адаптација на воените политики кон современите безбедносни предизвици.

Според најавите, по завршување на пилот-фазата, програмата може да се прошири во зависност од интересот и резултатите. Грција останува една од ретките европски држави со задолжителен воен рок за мажи, а воведувањето доброволна служба за жени се смета за чекор кон постабилна и инклузивна одбранбена структура.

Подготвено од М.Д.

About Author