12.11.2025 Скопје
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека како дел од реформата на воената служба, инсистира на сеопфатна проценка на способностите на сите млади мажи.
Во случај да не се пријават доволно волонтери за Бундесверот, законот треба да предвиди и задолжителна воена служба, рече тој во понеделник за време на посетата на територијалната одбрана во Минстер.
Коалициските партнери ќе постигнат договор во текот на оваа недела, додаде Писториус. „Многу, многу сум оптимист бидејќи се приближуваме кон решение.“
Зборувајќи за задолжителната проценка на целата возрасна група, министерот истакна дека целта е „точно да се знае кој е погоден за регрутирање и земјата да остане оперативно подготвена“ во случај на потреба за одбрана.
„Мора да биде регулирано со закон“, истакна политичарот. „Мислам дека е потребно, но сигурен сум дека ќе најдеме соодветен начин.“
Тој повтори дека целта е зајакнување на Бундесверот преку доброволна воена служба, наведувајќи дека и други земји слично постигнале добри резултати.
„Меѓутоа, ако се покаже дека ова не е доволно, ќе мора да воведеме задолжителни елементи“, рече Писториус. „Тоа не би било изненадување, бидејќи целосната обврска за воена служба теоретски би можела повторно да се воведе веќе утре.“
„Во преговорите ќе најдеме решенија за тоа како да го организираме разумно и праведно – во интерес и на армијата и на младите. Ќе се усвои избалансирано решение“, заклучи министерот.
Подготвено од М.Д.