18.11.2025 Скопје
Европа ги зголемува трошоците за одбрана. Сепак, едно прашање е во голема мера занемарено – како да се премести воената опрема од една земја во друга што е можно побрзо во случај на конфликт?
Со години се зборува за „воен Шенген“, област во зоната без пасоши на Европската Унија каде што оружјето и војниците би можеле да се движат слободно како и цивилите. Сепак, таков систем останува нереализиран и за ЕУ и за НАТО, и покрај зголемените безбедносни загрижености предизвикани од војната во Украина.
На 19 ноември, Европската комисија ќе го претстави својот последен обид да го постигне ова до крајот на деценијата.
Прелиминарната верзија на документот, укажува на два начина за постигнување на ова: прво, инвестирање пари во стотици „тесни грла“ низ целиот континент, како што се железници, пристаништа и мостови, вклучително и во земјите кандидати за ЕУ, Украина и Молдавија, кои текстот ги смета за клучни за интеграција во воено-транспортните структури на ЕУ.
И второ, намалување на бирократијата за да се спречи различните национални закони и бирократијата да ги попречат напорите за брзо и лесно преместување на воените средства од една земја на ЕУ во друга.
Многу муабет, малку напредок
Идејата за „воен Шенген“ стана „приоритетно прашање“ во 2017 година, а Европската комисија изготви акциони планови во 2018, 2022 и 2024 година. Сепак, беше постигнат мал напредок.
Дипломатите на ЕУ, рекоа дека минималниот напредок сигурно не се должи на недостиг на напори. Темата, велат тие, обично е близу до врвот на агендата секогаш кога се дискутира за соработката ЕУ-НАТО, но ниту една од тие организации, велат тие, никогаш навистина не ја прифатила.
НАТО долго време се надеваше дека ЕУ ќе инвестира повеќе законодавна енергија и пари во воената мобилност, особено сега кога 23 од 27-те земји-членки на ЕУ се исто така дел од воениот сојуз. Војната во Украина само ја зголеми итноста за зајакнување на сите аспекти поврзани со одбраната.
Во исто време, во ЕУ имаше фрустрација што НАТО беше премногу фокусиран на трошење пари за скапа воена опрема, а многу помалку на тоа како всушност да ја транспортира и да ја стави на располагање на другите членки на Алијансата.
Новата цел на НАТО за трошење на 3,5 проценти од бруто домашниот производ (БДП) за воена опрема до 2035 година и дополнителни 1,5 проценти за невоени инвестиции – како што е воената мобилност – делумно придонесува за решавање на тоа прашање.
Сепак, тоа сè уште е во голема мера во рацете на поединечните земји, како што се истакнува во документот на Европската комисија.
„Додека земјите-членки остануваат слободни да одлучат дали да дозволат странски вооружени сили да ја преминат нивната територија како дел од нивната национална безбедност и одбрана, ЕУ мора да има рамка за воена мобилност што ги балансира воените и цивилните потреби“, се наведува во текстот.
Целта на сегашниот состав на Европската комисија, чиј мандат истекува во 2029 година, е да „воспостави зона на воена мобилност низ целата ЕУ до крајот на 2027 година како прв чекор кон постепено постигнување на „воен Шенген“ во димензиите на регулативата, инфраструктурата и капацитетот“.
Ќе има ли доволно пари?
Прашањето е дали парите ќе бидат достапни овој пат.
Во најновиот повеќегодишен буџет на ЕУ (2021-2027), околу 1,7 милијарди евра се наменети за двојна цивилно-воена транспортна инфраструктура, фокусирајќи се на 95 проекти во 21 земја.
Сепак, како што се наведува во документот: „барањето за финансирање од ЕУ значително ги надмина достапните средства“.
За следниот долгорочен буџет (2028-2034), Европската комисија затоа предложи 17,65 милијарди евра за двојна транспортна инфраструктура, фокусирајќи се на 500 критични точки каде што транспортот на воена опрема треба да биде побрз и поефикасен.
Но, дали ова ќе функционира?
Особено затоа што членките на ЕУ секогаш го разредуваат првичниот предлог на Комисијата и претпочитаат да ги пренасочат парите од ЕУ кон сектори кои „добиваат гласови“ повеќе, како што се земјоделството, рибарството и други видови социјални трошоци.
Железницата е исто така начин на транспорт кој потрошил најмногу пари за воена мобилност. И тоа веројатно ќе продолжи.
Порано оваа година, ЕУ се согласи за четири приоритетни мултимодални коридори за воена мобилност – Север, Југ, Исток и Централен. Северниот, кој главно ги поврзува Холандија со Германија и Полска, а понатаму и со Украина, е најзавршен досега.
Подготвено од М.Д.