https://flickr.com/photos/reneweuropegroup/49059841932/

20.11.2025 Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во видео обраќање на „Форумот за проширување на ЕУ 2025: Заокружување на Унијата, обезбедување на нашата иднина“ што се одржува денес во Брисел, изјави дека „проширувањето е патување што е важно за сите нас, бидејќи сите ги споделуваме истиот континент, историја, култура и предизвици“.

Фон дер Лајен истакна дека „ја гледаме страста на младите луѓе во земјите кандидати за членство, како и во државите членки да живеат во една Европска Унија. Тие сакаат да ги искористат можностите и да уживаат во слободите што ги нуди членството. Тие сакаат да живеат во посилна, просперитетна и обединета Европа. Бидејќи Европа е повеќе од Унија. Таа е наш дом“. Според неа, од самото основање, Европската Унија претставува мировен проект и спојка што ги поврзува земјите членки и го води секој чекор од нивната интеграција.

„Но, во време на геополитичка неизвесност, проширувањето е повеќе од избор за мир. Тоа е инвестиција во нашата колективна безбедност и слобода. Бидејќи историјата не научи дека кога Европа е обединета, ние сме посилни“, рече Фон дер Лајен.

Таа потенцираше дека процесот за пристапување кон Европа е напорен и подразбира многубројни реформи и хармонизација со законодавството на ЕУ, но придобивките се огромни.

„Земјите што се приклучија кон Европската Унија во последниот бран доживеаја неверојатен економски раст. Животниот стандард се удвои, невработеноста речиси се преполови. Очекуваниот животен век се зголеми во просек за четири години, а беа создадени шест милиони нови работни места“, додаде претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен најави дека ЕУ сака веднаш да ги овозможи позитивните ефекти за земјите кандидати и за таа цел ги промовираше плановите за раст, во кои земјите вклучени во процесот на проширување спроведуваат клучни реформи за да обезбедат рамноправни услови на Единствениот европски пазар, а Европа за возврат отвора одредени сектори за нив.

„Сето ова е комбинирано со значителни инвестиции. Ги интегрираме стратешките локални индустрии во европските синџири на снабдување. Заедно создаваме работни места и го зголемуваме знаењето и експертизата. Инвестираме во витални врски, како што е прекуграничниот транспорт, и во евтина, чиста и обновлива енергија, за да обезбедиме сигурно локално снабдување со енергија“, изјави Фон дер Лајен.

Таа додаде дека дополнително, тука е и елиминирањето на роаминг трошоците за телефонски разговори кон Европската Унија и пристапот до Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), со што компаниите можат да префрлаат пари кон и од Унијата со значително намалени трошоци.

„Ова ќе заштеди милиони евра годишно и вака градиме Европа со заеднички просперитет“, заклучи Фон дер Лајен.

Подготвено од М.Д.

About Author