07.11.2025 Скопје
Европската централна банка (ЕЦБ) планира да го лансира дигиталното евро во 2029 година, а подготвителната фаза за правната рамка треба да биде завршена овој месец.
Службениците на ЕЦБ ќе одлучат за продолжување на подготвителната работа на состанок во Фиренца, Италија. Извори наведуваат дека службениците сакаат да ја издадат валутата во 2029 година, под услов да постои правна рамка.
ЕЦБ започна двегодишна подготвителна фаза на проектот за дигитално евро во 2023 година, надевајќи се дека во меѓувреме Европската унија ќе ги усвои правилата потребни за воведување на дигиталниот еквивалент на банкнотите и монетите.
Сепак, националните влади и Европскиот парламент сè уште не се согласиле за ова. Најголемата пречка доаѓа од Европската народна партија, од чии редови некои пратеници претпочитаа да бараат алтернатива од приватниот сектор на дигиталното решение на ЕЦБ.
Притисокот за прекин на несогласувањето расте, бидејќи европските креатори на монетарна политика се жалат на преголема зависност од американските фирми како што се Visa, MasterCard и PayPal за малопродажни плаќања.
Покрај тоа, постои и страв дека стабилната валута поддржана од долар, за која се залага американскиот претседател Доналд Трамп, би можела да се зацврсти во Европа, што дава нов поттик за решавање на недоразбирањата.
Што носи дигиталното евро?
Безбедност – Дигиталното евро го издава Европската централна банка – а не приватни компании. Парите остануваат целосно гарантирани од државата.
Побрзи плаќања – Трансакциите би биле моментални, достапни 24/7 и без провизии.
Помала зависност од САД – Европа сака да ја намали својата зависност од американските платни системи како што се Visa, Mastercard и PayPal.
Лесна за користење – Плаќање преку телефон или картичка, дури и офлајн, без интернет.
Приватност – ЕЦБ ветува високо ниво на заштита на личните податоци, особено за помали плаќања.
Подготвено од М.Д.