HRANA

27.11.2025 Скопје

Дали македонските граѓани јадат безбедна храна? Податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство покажуваат дека постои сериозен ризик од небезбедна храна.

Изминатиот период инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство запленија и уништија приближно 37 тони храна, на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години. Спречен бил увоз на 20.500 килограми замрзнат компир наменет за македонскиот пазар но и уништиле 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.

Од АХВ потенцираат дека граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста на храната која ја консумираат, но, како одговорни потрошувачи секогаш треба да внимаваат каде, од кого и што купуваат. Основно е храната да ја купуваат од оператори кои се регистрирани или одобрени од Агенцијата. Тие се во системот на контрола од страна на инспекциските служби.

„Не постои апсолутна безбедност на храната. Секогаш се можни и инциденти, но, исклучително важно е граѓанинот да биде едуциран како потрошувач. Покрај тоа што треба да знае каде, од кого и како да пазари, треба да знае и да информира, да ги алармира инспекциските служби секогаш кога за тоа ќе процени дека има потреба, односно секогаш кога е доведена во прашање безбедноста на храната.“- велат од АХВ.

Од Царинската управа информираат дека на граничните премини секој увоз на храна подлежи на задолжителен преглед од официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство. Во изминатиот период увозот на месо беше ставен на критериум на ризик, при што откриени се повеќе случаи на царински измами каде увозите се распоредувале во тарифни ознаки со пониски царински стапки со цел избегнување плаќање давачки.

„Годинава, при контроли на увози на месо, царинските инспектори при Секторот за контрола и истраги, открија царинска измама во висина од 18,7 милиони денари. Дополнителната контрола на приложените царински документи, како и лабораториските анализи, покажаа дека месото било пријавувано во погрешна тарифна ознака со пониска царинска стапка, наместо во соодветната тарифна ознака со повисока стапка. Притоа од страна на Одделението за истраги до ОЈО се поднесени осум кривични пријави против 14 правни и 24 физички лица за сторено кривично дело царинска измама.“ – велат од Царинската управа.

До полнително, од Царинската управа информираат дека во однос на откриени и спречени обиди на шверц на храна, годинава е спречен обид за шверц на над половина тон маслиново масло и 4 тони овошје и зеленчук.

Подготвено од М.Д.

About Author