EU SAD

11.11.2025 Скопје

Европските бизниси очекуваат ефектите од американските царини и трговските тензии да бидат значително полоши во 2026 година отколку во 2025 година, кога ефектите беа ублажени од претходните нарачки, според анкетата на BusinessEurope објавена во понеделник.

Според анкетата, трговските тензии би можеле да го намалат бруто домашниот производ (БДП) на Еврозоната, Европската Унија и пошироката група европски земји за околу 0,03 проценти во 2025 година. Сепак, веќе во 2026 година се очекува пад помеѓу 0,5 и 0,6 проценти, при што еврозоната би била најпогодена.

Истражувањето е спроведено меѓу 36 национални бизнис федерации низ ЕУ, но и во земји кои не се членки, како што се Обединетото Кралство, Швајцарија, Турција и Украина.

„БизнисЕвроп“ наведува дека наодите се во согласност со проценката на Европската централна банка (ЕЦБ), според која ефектот од царините и неизвесноста врз растот на Еврозоната би можел да изнесува околу 0,7 проценти во периодот од 2025 до 2027 година. Ова е сепак малку помалку од претходните очекувања, бидејќи, како што наведува ЕЦБ, политичката неизвесност нагло се намали по трговскиот договор меѓу ЕУ и САД постигнат на крајот на јули.

Сепак, европските компании продолжуваат да изразуваат загриженост за недостатокот на предвидливост. „БизнисЕвроп“ предупредува дека одложените економски ефекти и неизвесноста во врска со идните американски царини претставуваат среднорочен предизвик за растот на европската економија.

Подготвено од М.Д.

About Author