20.10.2025 Скопје
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги прифати руските услови за прекин на војната меѓу Русија и Украина на состанокот во Белата куќа во петокот, предупредувајќи дека претседателот Владимир Путин се заканил дека ќе ја „уништи Украина“ ако не се согласи на договор.
За време на состанокот, Трамп инсистираше Зеленски да го предаде целиот источен регион Донбас на Русија, очигледно отсликувајќи го ставот на рускиот претседател за време на телефонскиот разговор еден ден претходно.
Украина конечно успеа да го убеди Трамп да поддржи замрзнување на сегашните фронтовски линии. Трамп по состанокот изјави дека двете страни треба да ја запрат војната по фронтовските линии, а Зеленски рече дека тоа е важна точка.
Зеленски пристигна во Белата куќа во петокот, барајќи оружје за да ја одржи земјата во борба, но се сретна со американскиот претседател повеќе заинтересиран за преговори за мир.
Во телефонскиот разговор со Трамп во четврток, Путин понуди некои мали области од двата јужни региони Херсон и Запорожје, во замена за многу поголеми делови од Донбас кои сега се под украинска контрола.
Ова е помалку од неговото првично барање од 2024 година, во кое тој бара од Киев да го предаде целиот Донбас и регионите Херсон и Запорожје на југ, површина од околу 20.000 квадратни километри.
Портпаролот на Зеленски не одговори веднаш на барањето за коментар дали Трамп извршил притисок врз Зеленски да прифати мир под руските услови.
Веќе е познато дека Трамп не ја одобрил испораката на многу посакуваните моќни ракети „Томахавк“ во Украина на состанокот во Вашингтон, иако Зеленски подоцна тврдеше дека Трамп „не рекол ниту да ниту не“ на тоа клучно барање од Киев.
Трамп и Путин во четвртокот се согласија да одржат втор самит за војната во Украина во следните две недели, најверојатно во Будимпешта, по состанокот во Алјаска на 15 август на кој не беше постигнат напредок.
Подготвено од М.Д.