31.10.2025 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп, по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја, изјави дека имале „неверојатна“ средба и дека постигнале договор САД да ги намалат царините за кинеските производи.
Трамп најави дека ќе ја посети Кина во април следната година и дека се согласил да соработува со Пекинг по прашањето на Украина. Американскиот претседател рече дека САД ќе ги намалат царините за кинеските стоки во замена Пекинг да продолжи да купува соја од САД, да го одржува извозот на ретки минерали и да се бори против нелегалната трговија со фентанил.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Беше неверојатна средба. Тој е одличен лидер. Се согласуваме дека страните се заглавени во борба и понекогаш мора да ги оставите да се борат, претпоставувам. Но, ние ќе работиме заедно за Украина“.
Од друга страна, кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека е многу задоволен од средбата, додавајќи дека е нормално двете водечки економии во светот понекогаш да не се согласуваат.
Си Џинпинг – претседател на НР Кина
„Кина и САД треба да бидат партнери и пријатели. Бидејќи светот денес се соочува со многу тешки проблеми, Кина и САД можат заеднички да ги преземат своите одговорности како големи земји“.
Кинескиот претседател рече дека Пекинг и Вашингтон треба да обезбедат постојан напредок во односите, кои ги спореди со „џиновски брод“. Лидерите на двете најголеми економии во светот, кои се заглавени во повеќемесечна трговска војна, се ракуваа и дадоа кратки изјави пред нивниот состанок зад затворени врати.
По еден час и четириесет минути, Си и Трамп ја напуштија зградата во Бусан, Јужна Кореја, се ракуваа и се разделија. На 10 октомври, Трамп објави дека САД ќе воведат дополнителни 100 проценти царини за увоз од Кина почнувајќи од 1 ноември. Ова е прва средба на претседатели на двете земји од 2019 година.
Подготвено од М.Д.