trump-gaza-split-1

09.10.2025 Скопје

Светските лидери го поздравија мировниот договор меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го „историски чекор кон завршување на двегодишната војна во Газа“.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го поздрави објавувањето на договорот, кој предвидува прекин на огнот, ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош за Газа.

„Ги повикувам сите страни целосно да го почитуваат договорот. Борбите мора да престанат еднаш засекогаш, а страдањето на цивилите мора да заврши“, рече Гутереш, додавајќи дека Обединетите нации ќе помогнат во спроведувањето и обновата на Газа.

Британскиот премиер Кир Стармер го опиша договорот како „момент на длабоко олеснување“ и повика на итно укинување на ограничувањата за хуманитарна помош.

„Ова е првиот чекор кон праведен и траен мир“, рече Стармер, заблагодарувајќи им се на Египет, Катар, Турција и САД за нивните дипломатски напори.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп и двајцата си честитаа еден на друг за „историското достигнување“ на потпишувањето на договорот за прекин на огнот во Газа, што вклучува ослободување на затворениците и сите заложници, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер во понеделник. Нетанјаху и Трамп се согласија да продолжат со нивната тесна соработка, а израелскиот премиер го покани американскиот претседател да се обрати во Кнесетот, се додава во соопштението.

„Со одобрувањето на првата фаза од планот, сите наши заложници ќе бидат вратени дома. Ова е дипломатски успех и национална и морална победа за Државата Израел“, напиша Нетанјаху на мрежата X утрово.

Тој, исто така, му се заблагодари на Трамп во соопштението за неговото „лидерство, партнерство и непоколеблива посветеност на безбедноста на Израел и слободата на нашите заложници“.

Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека Израел и Хамас се согласиле за „првата фаза“ од неговиот мировен план за запирање на борбите во Газа и ослободување на заложниците и затворениците.

Израелскиот претседател Исак Херцог го поздрави мировниот договор со Хамас како „утро на историски и важни вести“ и рече дека „лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп кон договорот заслужува Нобелова награда за мир“. Тој, исто така, им се заблагодари на премиерот Бенјамин Нетанјаху, на израелскиот преговарачки тим и на медијаторите. Тој, исто така, ја изрази својата „најдлабока благодарност“ до американскиот претседател Доналд Трамп за неговото „неверојатно лидерство во обезбедувањето на ослободувањето на заложниците, завршувањето на војната и создавањето надеж за нова реалност на Блискиот Исток“.

„Нема сомнение дека тој заслужува Нобелова награда за мир за ова“, рече Херцог.

Тој рече дека ако Трамп го посети Израел во наредните денови, „ќе биде пречекан со огромно почитување, наклонетост и благодарност од народот на Израел“.

„Овој договор ќе донесе моменти на неописливо олеснување за драгите семејства кои не спиеле 733 дена“, рече Херцог.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека очекува заложниците што ги држи Хамас во Газа да бидат ослободени во понеделник, по потпишувањето на мировниот договор меѓу Израел и Хамас, промовиран од неговата администрација. Трамп претходно објави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека Израел и Хамас ја потпишале првата фаза од мировниот план, кој предвидува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските трупи на договорената линија.

„Многу сум горд што објавувам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план. Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел и САД. Им се заблагодаруваме на медијаторите од Катар, Египет и Турција за нивната соработка“, рече Трамп, додавајќи: „Блажени се миротворците“.

Трамп додаде дека специјалниот пратеник Стив Виткоф, неговиот зет Џаред Кушнер, државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, многу помогнале во спроведувањето на планот.

„Целиот свет се обедини, искрено. Светот се обедини околу овој договор. Многу земји ги испратија своите најдобри желби преку телеграма“, рече тој.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Израел и Хамас се согласиле за „првата фаза“ од неговиот мировен план за прекин на борбите во Газа и ослободување на заложниците и затворениците.

„Ова значи дека СИТЕ заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорените линии како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, напиша Трамп на социјалните медиуми.

Хамас ќе ги ослободи сите 20 живи заложници во замена за палестински затвореници во наредните денови, додека израелската војска ќе почне да се повлекува од поголемиот дел од Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави на социјалните мрежи: „Со Божја помош, ќе ги вратиме сите дома“.

Хамас одделно изјави дека договорот ќе обезбеди повлекување на израелските трупи, како и ќе овозможи влез на помош и размена на заложници и затвореници, соопшти агенцијата.

Подготвено од М.Д.

About Author