08.10.2025 Скопје
Светска банка ги зголеми проекциите за РС Македонија и предвидува 3,1 отсто раст во 2025 година и по 3 проценти во 2026 и во 2027 година, со што земјата повеќе не е на дното на листата со најмал раст од земјите во регионот.
Годинава се очекува најмал реален раст на БДП во БИХ од 2,6% и во Србија – 2,8%. Прогнози за повисок економски раст од РС Македонија во 2025 година има за Црна Гора – 3,3 проценти. Очекувањата за Албанија и Косово се 3,7 и 3,8 проценти, што е надолна линија во однос на минатогодишните проекции коишто беа 4,0 и 4,4 проценти.
Проценките и прогнозите ги отсликуваат податоците достапни до 20 септември 2025 година.
Во април годинава Светската банка прогнозираше раст од 2,6 проценти на македонската економија во 2025 година, од 2,7 во 2026, а од 2,8 проценти во 2027 година.Во 2024 година прогнозите за РС Македонија беа 2,8%, во 2023 година – 2,1, а во 2022 година – 2,8 проценти реален раст на БДП.
Според Светска банка, економскиот раст во Западен Балкан се очекува умерено да забрза во 2026 и да закрепне до 2027 година, поддржан од зголемувањето на инвестициите и постепено закрепнување на извозот. За да се одржи напредокот кон приближувањето до Европската Унија, регионот мора да се фокусира на отворање на квалитетни работни места.
„Економскиот раст во Западен Балкан во 2025 година забави, бидејќи инфлацијата предизвика намалување на потрошувачката, а зголемената несигурност ги ограничи трговијата и инвестициите и покрај постојаниот раст на платите и на кредитите. Фискалната политика и понатаму е дисциплинирана со дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија“, се наведува во извештајот.
Редовниот економски извештај за Западен Балкан проектира дека просечниот регионален раст во 2025 година ќе достигне 3,0% што е за 0,2 проценти поени помалку од пролетната проекција. Растот се предвидува да се зголеми на 3,1% во 2026 и на 3,6% во 2027 година.
Подготвено од М.Д.