text-max

24.10.2025 Скопје

Скопје повторно живее сцени што потсетуваат на некој постапокалиптичен филм – купишта ѓубре на секој чекор, распрснати кеси, остатоци од храна, и… стаорци што веќе не се плашат ни од луѓе.

Во еден ваков амбиент, на игралиште во Капиштец, глушец каснал дете. Родителите се во шок, соседите вознемирени, а надлежните – молчат.

„Не можам да поверувам дека стигнавме до тоа дете да биде каснато од глушец во центар на град. Ќе се разболиме сите вака“, вели една жителка на улицата каде што се случил инцидентот.

Докторите предупредуваат дека ваквите случаи не се за потценување.

„Глодарите се носители на низа опасни бактерии и вируси. Најчесто пренесуваат лептоспироза, салмонела, па дури и хантавирус. Кога се во контакт со човек – преку гризење, урина или плунка – можат да предизвикаат сериозни инфекции“, коментираат инфектолозите.

Најризични се децата, бидејќи често играат на отворено и допираат површини загадени со измет или урина од глодари.

„Секој напад од стаорец мора веднаш да се прегледа. Не постои ‘мал’ напад, бидејќи дури и микроскопска раничка може да стане извор на инфекција“, додаваат експертите.

Проблемот со глодарите не е нов, но станува очигледно дека градот ја губи битката со нив.

Секојдневните поплаки од граѓани се множат – глувци низ контејнери, стаорци на улици, па дури и во влезови на згради.

„Се движат меѓу ѓубрето како да се дома. Веќе не бегаат. Само ние се тргаме“, раскажува еден вознемирен жител од Дебар Маало.

Според експертите по јавно здравје, неподносливата количина на отпад е директен катализатор.

„Стаорците сè повеќе излегуваат на површина бидејќи имаат извор на храна и засолниште. Кога комуналните служби не функционираат, природно е тие да се размножуваат експлозивно“, објаснуваат екологистите.

Сепак, најстрашно е што проблемот не застанува тука.

„Ако не се преземат итни мерки за дератизација, постои ризик да се појават жаришта на зарази. Стаорците не се само непријатни, тие се епидемиолошка закана“.

Во меѓувреме, родителите се во паника и страв. Во некои маала веќе не се пуштаат деца да си играат надвор.

„Ѓубрето некако ќе се расчисти, ама како да му објасниш на мало дете дека треба да внимава на глушец?“ прашува мајка на две деца, видно вознемирена.

Додека институциите си ја префрлаат одговорноста како топка – едни кон Градот, други кон Комунална хигиена, трети молчат – Скопје полека станува град во кој ѓубрето станува нов екосистем. Со свои жители, свои правила и… свои жртви.

А детето? Добро е, примило вакцина и е под надзор. Но, стравот остана – оној тивок, што не се лечи со инјекција.

Подготвено од М.Д.

About Author