01.10.2025 Скопје
Драматично влошување на еколошките услови со сериозни последици за населението во Република Северна Македонија, покажува извештајот на Европската агенција за заштита на животната средина. Енергетската сиромаштија погодува 23,85% од домаќинствата, што е значително над просекот на земјите- членки на ЕУ од 7,5%.
Екстремно загаден воздух, изразена енергетска сиромаштија, неефикасно управување со отпад и бавен напредок во енергетска транзиција нотира европскиот извештај за животната средина за 2025 година за Република Северна Македонија објавен од Европската агенција за заштита на животната средина.
Како што се наведува, овој извештај претставува најсеопфатната анализа на моменталната состојба и перспективите во областа на животната средина, климата и одржливоста, врз основа на податоци од 38 земји во Европа, меѓу кои и Република Северна Македонија.
Проценка за секоја од трите димензии – животна средина и клима, социо-економски промени и системски промени во енергијата, мобилноста и храната е подготвена од македонски експерти од Европската мрежа за информации и набљудување на животната средина, врз основа на 20 утврдени индикатори од Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) или Евростат. Анализираниот период е 17 години – од 2007 до 2023 година.
„Отровен“ воздух, несоодветни депонии
Околу 3.800 животи се губат годишно поради изложеноста на лош квалитет на воздухот и ова претставува 17,7% од вкупната смртност на населението, што ја прави Република Северна Македонија меѓу најзагадените земји во Европа. Економските загуби од овие ефекти изнесуваат меѓу 5,2% и 8,5% од бруто националниот производ според процените на Светската банка. Ова значи дека загадувањето на воздухот чини над половина милијарда долари годишно, пишува во делот на животна средина и клима.
Професорот, Драган Ѓорѓев вели дека токму еколошките фактори доминираат меѓу причините за малигните заболувања. Тој објасни што му се случува на организмот кога вдишуваме тешки метали како оние што беа измерени во воздухот по неодамнешниот пожар во објект за електронски отпад во Трубарево.
„Значи едно е да ги измериме, а за да го прецениме ризикот треба да знаеме и кој тип на отпад се одлага. Претпоставуваме дека комунален отпад, општо, отпад сигурно се одлага. Во тој отпад има пластика, пластиката исто дава токсични метали коишто можат да предизвикаат низа болести и некако пропратно на сите тие се тие тешки метали. Овие концентрации ако ги мерите за 24 часа, јас не знам како се изразени, дали на 24 часа или на час – се повисоки концентрации, меѓутоа точно да го знаеме ризикот, потребно е континуираност на експозицијата“, изјави Ѓорѓев.
Подготвено од М.Д.