organska_hrana1-681x400

08.10.2025 Скопје

Дури и да се случи утре светот да престане да користи јаглен, нафта и гас, исхраната на луѓето сепак би довела до пораст на просечните температури за над 1,5 степени Целзиусови. Ова се должи на фактот што речиси една третина од глобалните емисии на стакленички гасови произлегуваат од производството на храна, вклучувајќи го метанот што го испушта добитокот, уништувањето на шумите за обезбедување добиточна храна и создавањето на ѓубрива.

Ова се констатира во Извештајот за влијанието на прехранбените навики на луѓето врз животната средина на ЕАТ-Лансет комисијата за здрав, одржлив и праведен систем на исхрана, панел што го сочинуваат повеќе од 70 истакнати научници од целиот свет. Според Комисијата, системите на исхрана се најголемата причина за нарушување на безбедниот оперативен простор на Земјата, бидејќи придонесуваат за губење на биолошката разновидност, деградација на почвата, недостиг на чиста вода и загадување со ѓубрива.

Сепак, и покрај тоа што храната може да придонесе за пораст на глобалното затоплување, според панелот, таа може да помогне и за подобрување на состојбата. Во услови кои не би го нарушиле безбедниот оперативен простор на Земјата, можно е да се произведува здрава храна за околу 10 милијарди луѓе со урамнотежена исхрана. Овој предизвик, денешните системи на исхрана не успеваат да го задоволат дури ни за сегашниот број на население, се наведува во извештајот.

Според авторите на извештајот, оваа “здрава храна” во голема мера треба да се состои од многу овошје, зеленчук и мешункасти и јаткасти плодови, умерени количини на млечни производи, живина и риба, и многу малку црвено и преработено месо. “Користењето на овој модел може да спречи до 15 милиони предвремени смртни случаи годишно, а емисиите поврзани со храната би се намалиле за повеќе од половина,” се проценува во документот.

Иако овој модел би ги зголемил годишните трошоци за исхрана и до 500 милијарди долари, тој од друга страна би придонел за заштеда на околу 5.000 милијарди долари што се трошат за здравството и заштита на животната средина. Според копретседавачот на Комисијата, епидемиологот од Универзитетот „Харвард“, Валтер Вилет, тука не станува збор за наметнување на некаков “квазивегански начин на живот”, бидејќи исхраната може да се прилагоди на локалните традиции со користење повеќе овошје и зеленчук, а помалку месо и шеќери.

Идејата за промени на начинот на исхрана ЕАТ-Лансет комисијата ја промовираше уште во својот прв извештај од 2019 година, оценувајќи дека потрошувачката на месо и млечни производи во Европа и Северна Америка ги надминува глобалните норми и апелирајќи за поголема консумација на овошје и зеленчук. Но, ваквите оценки тогаш наидоа на критики, пред сè од страна на индустријата за преработка на месо и производство на млечни производи, при што препораките на Комисијата беа оценети како елитистички, нереални или насочени против земјоделскиот сектор.

Сепак, и покрај критиките, дел од наодите од Извештајот од 2019 година беа земени предвид при изработката на Стратегијата на ЕУ од 2020 година насловена „Од фарма до трпеза“, која беше дел од тогаш промовираниот Зелен договор. Со Стратегијата се предвидуваше воспоставување на “европски фер, здрав и еколошки систем на исхрана” со преполовување на употребата на пестициди, намалување на користењето ѓубрива, зголемување на органското земјоделство и промовирање поздрав начин на исхрана.

Но, денес речиси никој не ја споменува Стратегијата „Од фарма до трпеза“, па ЕУ практично се откажа од своите амбициозни планови за промени во начинот на исхрана на Европејците под притисок на протестите на земјоделците, на влијанието и лобирањето на прехранбената индустријата, како и на новата геополитичка реалност предизвикана од руската инвазија врз Украина. ЕАТ-Лансет комисијата во најновиот извештај сугерира дека развиените земји, вклучително и ЕУ, мора да преземат мерки за намалување на штетите што врз животната средина ги предизвикуваат прехранбените системи, посочувајќи дека најбогатите 30 проценти од светското население генерираат повеќе од 70 проценти од овие штети.

Според Вилет, практикувањето исхрана богата со месо во западен стил е сигурен пат кон еколошка и здравствена катастрофа на Земјата. Во тој контекст, копретседателката на ЕАТ-Лансет комисијата, Шакунтала Тилстед оценува дека исхраната е од суштинска важноста за благосостојба на луѓето и здравјето на Планетата. “Трансформацијата на начинот на исхрана мора да оди подалеку од внесувањето на доволно калории. Таа мора да гарантира право на храна, фер работа и здрава животна средина за сите,” заклучи Тилстед.

Подготвено од М.Д.

About Author