01.10.2025 Скопје
Проблем со дистрибуцијата повторно ги остави дел од онколошките пациенти без лекови. Станува збор за лекови за пациентки со рак на дојка кои изминативе две недели ги немаше на клиниката.
Директорот д-р Игор Стојковски потврди дека повторно се соочиле со недостиг од овие лекови, но истовремено информира дека токму денеска лековите пристигнале и од утре ќе се повикуваат пациентите за терапијата.
Д-р Игор Стојковски – Директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија
„Имаше застој во дистрибуцијата на лекот, мислам дека во текот на вчерашниот ден стигна во државава, да завршат формалностите и би требло да стигне и на клиниката по што пациентите ќе бидат повикани да дојдат. Се работи за орална терапија која пациентите ја подигнуваат од клиниката“.
Директорот тврди дека од страна на клиниката сите процедури биле завршени навреме, но проблемот бил кај дистрибутерите на лекови. Сепак ова е проблем кој се провлекува постојано на клиниката каде се лекуваат најчувствителните пациенти. Дел од министрите за здравство најавуваа законски измени во делот на набавка и дистрибуција на онколошките лекови со цел да нема вакви недостатоци, но досега се остана само на најави.
Подготвено од М.Д.