shtedenje-pari-investicija-scaled

31.10.2025 Скопје

Македонските граѓани и компании во банка чуваат над 10,2 милијарди евра во депозити, податок на Народната банка за септември 2025 година.

Вкупните депозити (овде покрај депозитите на домаќинствата и компаниите, влегуваат и депозитите на единиците на локалната самоуправа, непрофитните организации, јавните претпријатија, итн.) пораснале за околу една третина, односно 34.1 отсто за три години, при што депозитите на корпоративниот сектор пораснале нешто повеќе, за 36,6 отсто, додека кај домаќинствата за 34,9 отсто. Граѓаните чуваат околу 6,9 милијарди евра во банка, додека компаниите околу 2,9 милијарди евра.

Иако каматните стапки за штедење последниве години се на историски најниски нивоа, тоа не ги спречува граѓаните своите слободни средства да ги вложуваат токму во банка. За само три години домаќинствата вложиле речиси две милијарди евра во банка, додека компаниите околу 800 милиони евра.

Ако направиме споредба, пак, со нивото на штедење од пред пандемијата, на крајот од 2019 година вкупните депозити во македонските банки изнесувале околу 6,7 милијарди евра, што значи над 3,5 милијарди евра пораст во штедењето за пет години.

Кај домаќинствата има речиси 2,5 милијарди евра плус во депозити, што е раст за 55 отсто, додека кај компаниите нешто над една милијарда или раст од 59 отсто, до септември 2025 година, за кога се најновите податоци. Само во првите девет месеци од годинава македонските домаќинства вложиле нови 420 милиони евра во банките, додека корпоративниот сектор вложил само 33 милиони евра.

Речиси 90 отсто од заштедите на домаќинствата се во банка

Иако вложувањето во небанкарските, алтернативни финансиски инструменти континуирано расте, сепак нивното учество во вкупното штедење и инвестирање на македонските граѓани е на многу ниско ниво. Според официјално достапните податоци, сите други форми на штедење или инвестирање – фондови, акции на домашни и странски компании, животно осигурување, доброволни приватни пензиски фондови итн. – не зафаќаат повеќе од една милијарда евра. Што значи дека околу 87 отсто од заштедите на домаќинствата се чуваат во банка, каде што приносите се најниски и последниве години не можат да „ја победат“ ниту инфлацијата.

Нашите соговорници на темата велат дека оваа конзервативна стратегија на македонските граѓани се должи пред сѐ на недоволната финансиска едукација и традиционалните навики за штедење во банка, иако на пазарот веќе дваесетина години постојат инвестициските фондови  животното осигурување, а од пред неколку години и можноста да се вложува директно на странските берзи.

„Иако регулативата е стабилна, а институциите и компаниите нудат соодветни решенија, степенот на нивно користење е ограничен. Главна причина за тоа се недоволната финансиска едукација и свест кај населението. Народот генерално нема изградено навика за планирање на личните финансии, а уште помалку за инвестирање на долг рок. Оваа состојба создава јаз меѓу потенцијалот на понудата и реалната искористеност на производите“.

Ако депозитите во банка веќе надминуваат 10 милијарди евра, во домашните инвестициски фондови македонските граѓани и компании имаат вложено нешто над 400 милиони евра, колку што изнесувала нето-вредноста на средствата во македонските отворени фондови на крајот од првото полугодие од 2025 година, според податоците на Комисијата за хартии од вредност (КХВ). Тоа е однос од 25:1 во корист на банкарските депозити, додека на ниво на Европската Унија (ЕУ), на пример, не е ни 3:1, поточно 2,85:1, според извештајот на Европската асоцијација за менаџмент на фондови и средства (ЕФАМА).

Подготвено од М.Д.

About Author