30.10.2025 Скопје
Најголемата приватна нафтена компанија во Русија, „Лукоил“, одлучи да ги продаде своите странски средства по воведувањето на блокирачките санкции од САД.
Во моментов има удели во проекти за развој на нафтени полиња во Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Ирак, Египет и ОАЕ, како и во Латинска Америка, Западна и Централна Африка. Компанијата поседува и рафинерии за нафта во Бугарија, Романија и Холандија, како и мрежа на бензински пумпи во Европската унија. Во РС Македонија има 40 бензински пумпи. Вкупните странски средства на „Лукоил“ се проценуваат на приближно 10 милијарди долари, но тие ќе мора да се продадат со попуст од 50-70% поради притисокот од санкциите, според експертите интервјуирани од руски весник.
„Попустот ќе зависи од многу фактори: времето, вклучените страни, геополитиката и позициите на страните. Можеме да зборуваме за попуст до 70 отсто во непријателски јурисдикции и до 50 проценти во неутрални и пријателски“, објасни Дмитриј Касаткин, управувачки партнер во „Касаткин консалтинг“. По воведувањето на санкциите против „Лукоил“, Министерството за финансии на САД дозволи трансакции со компанијата до 21 ноември. Според Касаткин, завршувањето на трансакциите пред овој датум е многу тешко, бидејќи типичниот период за продажба на такви средства е 6-12 месеци. Сепак, „Лукоил“ нагласи дека, доколку е потребно, компанијата ќе поднесе барање за продолжување на својата лиценца до ОФАЦ (Канцеларија за контрола на странски средства) за прекин на работењето.
По објавувањето на продажбата на своите странски средства, акциите на „Лукоил“ на Московската берза изгубија повеќе од 7%. Компанијата ќе се откаже од своите средства во САД и ЕУ, но ќе ги задржи своите подружници во ЗНД и Блискиот Исток, „веројатно преку пренос на пријателска страна“, предвидува Касаткин.
Аналитичарите на Алфа банка, пак, изразија сомнеж дека „Лукоил“ ќе ги продаде своите главни производствени капацитети во Ирак, Казахстан и Азербејџан. И покрај можните исклучоци за поединечни проекти, странските средства на „Лукоил“ сочинуваат над 6,5% од неговото производство на нафта и речиси половина од производството на гас, додека странските рафинерии сочинуваат една четвртина од вкупниот обем на рафинирање на нафта.
Подготвено од М.Д.