https://www.facebook.com/photo/?fbid=2895776663803128&set=a.291073959724407

02.10.2025 Скопје

Ја потценивме Русија, јавно признал францускиот претседател Емануел Макрон зборувајќи на маргините на самитот на ЕУ посветен на одбраната. Лидерот на Франција потсети дека долго време предупредувал за руската „флота во сенка“.

Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено – рече Макрон во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Според Макрон лу­до е да се игнорира заканата што Русија ја претставува за Европа.

Нашиот нуклеарен чадор нè штити: тој е целосен, суверен и целосно француски – рече шефот на Елисејската палата и најави стратешка дебата со другите лидери на ЕУ за безбедносната доктрина.

Данската премиерка Мете Фредериксен, која е домаќин на самитот, алармираше дека сите европски земји се цел на хибридна војна.

Се надевам дека сите сега ќе препознаат дека постои хибридна војна, и еден ден тоа е Полска, друг ден Данска, а следната недела веројатно ќе биде некаде на друго место каде што ќе видиме саботажи или летање беспилотни летала. Мислам дека сме во најтешката и најопасната ситуација од Втората светска војна – изјави таа за новинарите.

И премиерот на Финска предупреди дека, како што вели, Русија претставува закана за цела Европа.

Европската унија треба да преземе досега невидени овластувања за да се одбрани од сè поизразените закани од Русија – рече Петери Орпо во интервју за „Политико“ пред почетокот на самитот.

Брисел веќе активирал координиран одговор на овие закани, а зголемени се и европските буџети за сајбер-одбрана и борба против дезинформации. Германски, шведски и полски функционери исто така предупредиле на „невидлива инвазија“ која тече паралелно со воените активности во Украина.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека гледа шема, наведувајќи ги беспилотните летала во Полска и нарушувањето на естонскиот воздушен простор од страна на руски борбени авиони.

Оваа шема доаѓа од Русија, доколку Русија се обидува да нè тестира – рече Урсула фон дер Лајен.

Една од идеите за посилна одбрана на ЕУ кои во последните недели ги наведоа челници на одбраната во Унијата е формирањето таканаречен ѕид од дронови, сложен телекомуникациски систем со радари, дронови и друга напредна технологија кој би служел за пресретнување на хибридни закани од Русија на границите со ЕУ и со НАТО.

Подготвено од М.Д.

About Author