24.10.2025 Скопје
Притвор и куќен притвор одреди Основниот кривичен суд Скопје за 12 осомничените за лихварство и перење пари. Како што информираа од Кривичниот суд, за осум лица е одреден притвор, за три куќен притвор, додека за лицето по кое сè уште се трага, исто така, е одредена мерка притвор.
Министерството за внатрешни работи претходно денеска соопшти дека се лишени од слобода 11 лица за лихварство и перење пари, додека по едно лице сè уште се трага.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) извршило претреси на повеќе локации низ Скопје и ги лишило од слобода 11 лица.
„МВР до ОЈО за ГОКК поднесена кривична пријава против Б.К. (35) кој во моментов е недостапен за органите на прогонот и против веќе лишените од слобода Љ.Љ. (29), Д.В. (29), А.Т. (29), Д.Љ. (32), М.В. (25), М.Н. (36), А.Т. (32), З.А. (42) за кои постои основано сомневање дека како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека М.К.(73), П.К.(41) и Г.С.(46) се осомничени за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Подготвено од М.Д.