03.10.2025 Скопје
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе има најмодерен паркинг во РС Македонија. Освен цела инфраструктура базирана на „смарт паркинг“, ќе располага и со монтажна катна гаража, рече синоќа министерот за здравство Азир Алиу.
Алиу информира дека со спојувањето на клиниките во рамки на Клиничкиот центар ќе се оди чекор по чекор. Најпрво, по изборите, ќе се спојат Кардиологија и Кардиохиругија, а потоа и останатите меѓусебно сродни и природно поврзани клиники.
Според него, малку операции има на Кардиохирургија поради јазот на барања и недостиг на кадар. Затоа, како што рече, за прв пат е потпишан Меморандум за соработка со приватните болници.
Министерот најави промена на позитивната листа два пати годишно со цел нејзино ревидирање, отстранување на дел од застарените лекови и додавање нови.
Административниот процес за паркингот заврши и најверојатно за кратко ќе почне да се работи. Министерството за здравство ќе потроши нула денари, зашто ќе се инвестира од ЈП Паркинзи – Скопје. Ценам, а и така ни е дефинирано, дека за три месеци ќе биде завршен паркингот – напомена Алиу.
Тој се осврна и на проблемите со Мој термин и рече дека тој систем е оптимизиран со што се намалени листите на чекање.
Подготвено од М.Д.