27.10.2025 Скопје
Кина ќе го одложи спроведувањето на проширениот режим на лиценцирање за извоз на ретки земји за една година и ќе продолжи да купува значителните количини соја од САД, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесант, по дводневните трговски разговори со кинеската делагација во Куала Лумпур.
Претходно, кинеската страна објави дека е постигнат прелиминарен договор за трговскиот спор меѓу двете земји, но повеќе детали не беа соопштени.
Во интервју, Бесант најави дека новиот трговски договор треба да го објават претседателите на САД и на Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг на средбата во Јужна Кореја во четврток.
Американско – кинеските трговски разговори овој викенд во Малезија со цел решавање на меѓусебниот трговски спор, беа фокусирани на повеќе прашања, вклучувајќи ја кинеската контрола на извозот на ретки минерали и метали, како и американските царини за производите кои се увезуваат од Кина.
Договорот мора да помине низ внатрешни процеси на одобрување од двете страни.Останува нејасно дали двајцата лидери ќе објават формално решавање на трговскиот спор. Времето е кратко, бидејќи дополнителните тарифи што ги објави Трамп треба да стапат во сила на 1 ноември.
Подготвено од М.Д.